При првиот нареден напад врз лекар, ќе престанеме да работиме!

Во клиниките има вработено обезбедување, кое не е ефикасно за решавање на овој проблем со насилството. Заклучивме дека најсоодветно решение е ангажирање на полициски службеници, рече министерот Филипче.

289

Тука сме собрани да кажеме доста е. Ова ќе биде наш последен револт, повеќе не смее да дозволиме да бидат напаѓани здравствените работници. Долги години негативната кампања и тенденциите се одразуваат врз медицинските работници, но  целта е да се стават во сенка лошите одлуки на раководните лица во системот. Време е да се преземат мерки за подобри услови на работниците и на пациентите. Ќе престанеме да работиме, сѐ додека овие прашања не бидат решени, истакна д-р Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари (АСМЛ), која го организираше  денешниот протест против насилството врз лекарите и медицинскиот персонал „Доста е, Стоп на насилството врз здравствените работници“.

Протестот се одржа во кругот на скопските клиники, но требаше да протестираат и вработените во другите јавни здравствени организации.

Главните барања од денешниот протест се: итно носење на законот за докторска дејност, казнување напад на здравствен работник и изедначување на напад на медицинар со напад на полицаец, итно организирање на служби за обезбедување во секој здравствен објект, и тоа професионално, а не приватно и без исклучок, вклучување на АМСЛ и младите лекари во планирање на здравствени политики, организирање ефикасен систем за евиденција и казна на несоодветен и непрофесионален однос од здравствените работници.

Од АСМЛ однапред се оградија и осудија какви било обиди за политизација на настанот, а нагласија дека нивните барања ќе бидат прецизно нагласени.

Облечен во бел мантил, министерот за здравство, Венко Филипче, се приклучи на протестот на здравствените работници и најави мобилна патрола во Градската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, каде се случи и последниот инцидент, но и каде досега имало најмногу напади врз лекарите, особено за време на дежурствата.

– Започнавме кампања за враќање на довербата помеѓу пациентите и здравствените работници. Со насилство не се решаваат работите. Нема никаква логика да се крене рака кон здравствени работници кои деноноќно се борат за животите на најблиските. Сите тие пристапи се казниви и се предвидени парични, но и затворски казни.Со Министерството за правда и за внатрешни работи започнавме акција, со која сакаме да укажеме дека сите тие напади се казниви, дека се предвидени парични казни, но и затвор. Еден дел од напаѓачите, во последните случаи на насилство над здравствени работнции, завршија во притвор – рече Филипче.

Тој ги осуди насилствата над лекарите и здравствените работници, кои пожртвувано ја работат својата професија спасувајќи ги животите на сите пациенти. Филипче рече дека ќе има и мерки да се зголеми достоинството на лекарите, и тоа преку зголемување на платите, дежурствата и унапредување на условите за работа.

– Во клиниките има вработено обезбедување, кое не е ефикасно за решавање на овој проблем со насилството. Заклучивме дека најсоодветно решение е ангажирање на полициски службеници – додаде Филипче.

Запрашан зошто е на протестот, тој кажа:

– Моето присуство овде е поддршка, затоа што ова е нешто што се случува со години наназад. Обезбедувањето треба да биде професионално. Минатата година се обидовме да обезбедиме некаква форма на професионално обезбедување, со оглед на тоа дека обидите да се искористат вработени од јавниот сектор беа неуспешни заради административни пречки, сега се решивме за професионално обезбедување, рече Филипче.

Вработените не смеат своите нервози да ги изразуваат кон пациентите!

Од Синдикатот на Клинички центар порачаа – здравствените работници во земјава се со пациентите, а не против нив.

– Пациентите мора да нё почитуваат ида разберат дека не сме семоќни, А истовремено мора и вработените во здравството да се потсетат на етичкиот кодекс, Хипократовата заклетва и дека не смеат, во никој случај, своите нервози, фрустрации и замор да ги изразуваат кон пациентите! – нагласи д-р Горан Беговиќ, претседател на Синдикатот на Клиничкиот центар.

Тие бараат во секоја здравствена установа во земјава да има 24-часовно обезбедување, како и видеонадзор таму кадешто законот дозволува.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...