При зашеметеност од сонцето, бегајте на постудено и напијте се вода

Ако чуствувате зашеметеност, слабост, вознемиреност или имате интензивна жед и главоболка, побарајте помош, преместете се на постудено место колку што е можно побрзo. Напиjте се веднаш вода или негазиран минерален пијалак, за да се освежите. Ако Ви се јави болен мускулен грч - најчесто во нозете, рацете и стомакот, што побрзо одморете се на студено , а викајте лекар ако грчевите траат подолго од еден час, советуваат лекарите.

333

Тропските температури во земјата ќе нѐ заплиснуваат најрано до среда, кога се очекува малку да залади. Повеќе граѓани на Скопје се жалат дека во овие најтопли денови почувствувале зашеметеност, вртоглавици, а секој ден по некој колабира на јавно место – на улица, на пазар, при влез или излез од банка или продавница. Екипите на скопската Служба за итна медицинска помош, а секако и во другите градови, сѐ почесто интервенираат при вакви и други состојби коишто се јавуваат за време на топлотните бранови, а кои, како што нагласуваат лекарите можат да се спречат.

– Се враќав од работа вчера со градски автобус во кој беше вклучена клима, а, иако, додека се возев од Југодрво до Аеродром, внатре не беше премногу изладено, сепак ми се зашемети во главата кога се симнав на мојата станица. Побарав клупа и седнав, а веднаш се напив и вода, исплашена да не се онесвестам. Многу е топло и требаше да прогласат портокалова фаза, иако уште не се официјално измерени 41 степен во сенка – раскажува 53-годишна скопјанка.

Лекарите од Институтот за јавно здравје предупредуваат дека сончаница, топлотен удар, топлотни грчеви, функционални нарушувања на централниот нервен систем и други негативни ефекти, можат да се спречат.

– Ако чуствувате зашеметеност, слабост, вознемиреност или имате интензивна жед и главоболка, побарајте помош, преместете се на постудено место колку што е можно побрзo. Напиjте се веднаш вода или негазиран минерален пијалак, за да се освежите. Ако Ви се јави болен мускулен грч – најчесто во нозете, рацете и стомакот, што побрзо одморете се на студено место и напијте се течност со електролити. Лекарска помош е потребна ако топлотните грчеви траат подолго од еден час. Ако некој член на Вaшето семејство или лице на кое помагате има топла и сува кожа или е во бессознание, веднаш повикајте 194 – советуваат од Институтот за јавно здравје на РСМ, и преку информации на веб-страната на оваа јавна здравствена установа.

Во врска со тоа што е следниот чекор кој треба да се преземе за помош на лице кое добило сончаница, од ИЈЗ објаснуваат:

– Додека се чека итната медицинска помош, префлете го лицето на студено место и ставете го во хоризонтална положба, подигнете ги нозете и колковите, раскомотете го и отстранете ја гардеробата, ставајте студени облоги на вратот, пазувите и слабините, постојано ладете го и прскајте ја кожата со вода – нагласуваат лекарите.

Важно е да не се обидувате да го исправите лицето на кое му се слошило од високите температури.

Посебно дисциплинирани за овие препораки треба да бидат хронично болните, особено оние срцеви, невролошки и белодробни болести, кои редовно треба да ја земаат својата терапија. За сите промени во здравствената состојба,  задолжително да се консултираат со матичниот лекар.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...