Град Скопје годинава првпат ќе распише јавен повик за субвенции за граѓани за купување електрични тротинети, а за оваа намена ќе бидат издвоени еден милион денари. Целта на мерката е стимулирање на граѓаните за помасовно користење електрични тротинети како алтернативно превозно средство, соопштија денеска од Град Скопје.
Максималниот износ за поединечна субвенција за купување електричен тротинет по лице се утврдува во износ од 50 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 10.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
Инаку, тротинет чини околу 500 евра, а со едно батериско полнење може да се извозат и до 30 километри. Максимална брзина со која може да се движат некои модели на тротинети е и до 35 км на час, а батеријата се полни 5 часа.
Условите за учество се исти како и кај јавниот повик за субвенции за велосипеди. Право на учество на јавниот повик имаат жителите на Град Скопје кои треба да достават барање за надомест, доказ за жителство во главниот град, копија на важечка лична карта на барателот, копија од трансакциска сметка на барателот. Потребно е да се достави и доказ дека е извршено купување на нов електричен тротинет со копија од фискална сметка или фактура и извод од деловна банка со датум од денот на објавување на повикот.
Средствата кои Градот ќе ги издвои за субвенционирање за купување електрични тротинети се средства кои беа неискористени од буџетот за субвенции за велосипеди, поточно субвенции за велосипеди за лица со посебни потреби.
Град Скопје годинава објави јавен повик за субвенциии за купување велосипеди и велосипеди за лица со посебни потреби.
-За субвенционирање на велосипеди биле доставени 3.133 барања од кои 3.119 барања биле усвоени и доделени се субвенции, додека во делот за велосипеди за лица со посебни потреби заинтересираноста беше послаба, па дел од средствата за таа намена останаа неискористени, велат од Секторот за сообраќај на Град Скопје.
Електричните тротинети стануваат се повеќе популарни во светот. Нивната предност е малата тежина – тежат од 10 до 15 килограми, а имаат релативно високата моќност и носивост. Едно од алтернативните превозни средства е електричниот тротинет, кој е најприфатлив за користење во градови со рамна површина како што е Скопје.