Приштинските медиуми за бегството на Груевски

1141

Косовските медиуми даваат прилично голем публицитет на ситуацијата во Македонија, по повод јавувањето на поранешниот премиер Никола Груевски од Унгарија, од каде што преку Фејсбук информира дека побарал политички азил, јави дописникот на МИА од Приштина.

Порталот „Газета Експрес“ ги пренесува цело време информациите во врска со Груевски и од моментот кога се појави првата вест дека се јавил од Будимпешта, објави дека „Се огласи Груевски“, „Груевски се јави преку фејсбук од Унгарија, побарал политички азил“, „Груевски се јави од Унгарија, реагира Заев“, „Унгарска партија пред една година најави дека Груевски ќе пребегне во таа држава“, „ВМРО се уште не знае каде е Груевски“…

И другите косовски медиуми посветуваат големо внимание на ситуацијата околу потрагата по Груевски и неговото јавување од Унгарија. Така, покрај другите информации, порталите Инсајдери и Индексонлине прашуваат „Дали Србија помогна за бегството на Груевски“, односно „Со каков пасош побегна Груевски“. Овие и други медиуми пренесуваат дека поранешниот македонски премиер веројатно побегнал со бугарски пасош, но не се исклучува да имал и српски, бидејќи, како што наведуваат, тој некогаш бил советник на Владата во Белград.

Порталот Журнал, на страницата посветена на информациите од Македонија (zhurnal.mk), покрај информациите за бегството на Груевски и реакциите во земјата, објавува и коментар на правникот Ќенан Алиу, кој вели дека се работи за „оркестрирано бегство“ и дека е можно да се работи за „кокетирање на власта со цел да се разрешат судии од високи инстанци“.

Коха.нет, порталот на весникот „Коха Диторе“ и на телевизијата КТВ, откако претходно во текот на денот информира дека „Груевски исчезна“ и дека е објавена потерница по него, како и дека „Заев не верува оти Груевски побегнал“, ја објави и информацијата дека „Груевски побара политички азил во Унгарија“.

Овој портал објави и дека „министерот (за внатрешни работи, Оливер) Спасовски не мисли дека полицијата е одговорна за бегството на Груевски“ и дека, споерд него, „одговорноста треба да го сноси судтството затоа што не му одреди притвор“.

Овие и други информации во врска со ситуацијата околу Груевски ги објавија и останатите приштински медиуми, меѓу кои и телевизиите РТК, Т7 и Клан Косова.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...