Александар Радуловиќ, музички продуцент, композитор од Белград сведочи денеска во „Рекет“. Тој е сведок на предлог на одбраната на Бојан Јовановски.
– Музика за филмови, за драмски претстави, видео спотови и естрадно сценски настапи е моето занимање со кое се занимавам четириесет години – објасни сведокот на прашање на адвокатот Сашо Дуковски кој го праша што ви е вам Марина Туцаковиќ.
– Марина Туцаковиќ ми е сопруга веќе 38 години – одговори сведокот.
Цеца, Оливер Драгојевиќ, Здравко Чолиќ, Лепа Брена, Аца Лукас, Драгана Мирковиќ, се имињата на пејачи со кои соработувал Радуловиќ . Тој рече дека го познава Боки и неговото семејство 12 години и дека имале професионална соработка која се претворила во пријателство.
– Се дружевме, чест гостин беше во нашиот дом, одевме на летување, на слави заедно – рече Радуловиќ.
Дуковски му покажа ЦД за кое сведокот рече дека е издание на „Сити рекорд“ и дека од тој материјал позната била песната „Калигула“.
– Дали во текот на тие 12 години колку што се познавате сте му дале финансиски средства на Јовановски – праша Дуковски, а сведокот потврди дека му дал и објасни дека тоа се случило кога Боки му кажал дека има намера да отвори ТВ.
– Тоа нам ни беше интересно затоа што сакавме да го прошириме влијанието и нашиот музички опус на просторот на бивша Југославија. Бевме согласни да бидеме кофинансиери на тоа и на други проекти поврзани со тоа – рече сведокот.
– Му давав и приватно, секогаш кога беше потребно во текот на нашето дружење – одговори сведокот на прашање на Дуковски дали му давал пари на Боки и приватно.
– Бојан се дружеше со нашиот син, нашето пријателство трае со години, одевме заедно на одмор во Грција, во Италија – одговори сведокот.
– Дали сте се виделе со Бојан во 2019 година? – праша Дуковски.
– Да, и знам точно која беше причината за тоа, околу Нова година и подоцна пред роденденот на мојот син во ателјето кое е до нашата куќа. На семејна вечера на која беше мојата сопруга, синот Боки, неговата мајка, неговиот возач, неговата кума една недела пред роденденот на мојот син. Нашето заедничко дружење го претвориме во договор на лекови за мојата сопруга и набавка на гардероба за мојата сопруга која се договараше што да донесе тој од странство – рече Радуловиќ.
Сведокот објасни дека Боки и останатите требало потоа да одат во Милано на модна ревија и тогаш му дал пари на Боки за нарачките.
Поради лошиот превод, беше побаран друг преведувач.
– Малку бевме изгубени во преводот, се надевам дека ќе биде во ред, да продолжиме – рече судијката откако побара друг преведувач од српски јазик.