Кривичниот совет ја прифати гаранцијата на поранешниот началник во МВР, Душко Лазаров, која тој ја дал во замена за укинување на мерката притвор. За Митко Пешов, исто така од МВР, одбиена е гаранцијата и тој, според решението на Кривичниот совет, останува во притвор.
Овие решенија сѐ уште не се правосилни и против нив странките имаат право на жалба до Апелациониот суд.
„Советот донесе решение со кое за обвинетиот Д.Л. го прифати предлогот за определување мерка за обезбедување присуство – гаранција со кое решение по правосилноста и запишување на гаранцијата во катастар, мерката притвор се укинува, а дополнително се определуваат и мерки за претпазливост, односно привремено одземање на патнатата и друга исправа за преминување на државната граница и обврска на обвинетиот да се јавува на службено лице во судот. За обвинетиот М.П. решение со кое предлогот за укинување на мерката притвор и замена за куќен притвор со прифаќање гаранција, се одбива како неоснован“, соопштија од Основниот суд Скопје 1.