Од Основното јавно обвибителството соопштија дека повеле истражна постапка против девет лица за криумчарење мигранти
– Во текот на првата половина од 2017 година тројца од осомничените од користољубие создале и организирале група за вршење на кривично дело – Криумчарење мигранти, кон која подоцна се приклучиле и останатите осомничени. Групата во текот на 2017 година и првата половина од оваа година, организирала комплетно патување од матичните земји, преку земјите членки на Европската Унија и Доминиканската Република, до САД и Канада како земји на крајна дестинација.
Осомничените како организатори на криминалната група, откако ќе оствареле средба со потенцијалните мигранти, ги врбувале и го договарале начинот на обезбедувањето и висината на паричниот износ што се движела од 20 – 25.000 американски долари по лице, а се исплаќала по пристигнувањето на крајната дестинација, соопшти Обвибителството.
Од таму велат дека организаторите го планирале бројот на лицата што ќе бидат криумчарени, временскиот период, рутата по која ќе биде реализирано патувањето и локациите каде времено ќе бидат сместени мигрантите во текот на криумчарењето. За потенцијалните мигранти – македонски и албански државјани кои не можеле да добијат регуларни визи од Амбасадата на САД, обезбедувале фалсификувани документи, со резервирање и купување авионски и автобуски билети, како и со резервирање и плаќање на времено сместување на мигрантите во хотели, мотели и хостели во земјите од рутата.
– Надлежниот јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските услови, до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување мека притвор за сите осомничени. Судијата го прифати предлогот и со Решение им определи мерка притвор на седуммина од осомничените, а на двајца им определи мерки за претпазливост – стои во соопштението.