Специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи побара притвор за Сашо Мијалков и Бедретин Ибраими кои пред малку беа осудени со првостепена пресуда на три односно четири години и шест месеци.
За Мендух Тачи кој доби три години и два месеци и за поранешните Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев кои добија по три години затвор Фетаи побара судот да им определи мерка да се јавуваат во судот.
За Мијалков таа рече дека постои опасност од бегство, кои причини се препознаени во одлуките и на Кривичниот суд и на Апелација со кои му беше определуван куќен притвор.
– Такви околности за бегство имаше кога против него се водеа само постапки. Сега кога имаме и конкретна одлуката, првостепена пресуда, и кога влезот во затвор му е временски поблиску, опасноста се зголемува. Таква мерка која ќе го спречи да избега е само мерката притвор – рече Фетаи.
Таа нагласи и оти прашање на денови, а можеби и часови е кога Мијалков ќе излезе од куќен притвор кој му е определен во Империја со оглед дека Вроховниот суд ги ослободи од притвор другите обвинети во тој предмет.
Одбраната на Мијалков нагласи дека Фетаи не може да бара притвор врз основа на слободна проценка туку врз основа на докази. Тие нагласија дека ништо не укажува на опасност од бегство, Мијалков ги почитувал сите мерки до сега, вклучувајќи го и куќниот притвор.
За Ибраими Фетаи го нагласи и неговото однесување од кое може да се цени дека тој ме го почитува ниту СЈО ниту судот, па сега нема да ја почитува и пресудата.