Остин Батлер ќе го глуми Елвис Присли во биографскиот филм кој режисерот Баз Лурман наскоро почнува да го снима. Овој 27-годишен актер победи во конкуренцијата на звучните имиња на помладата генерација, меѓу кои беа и Мајлс Телер, Арон Џонсон-Тејлор, Ансел Елгрот и Хари Стајлс.
Другата главна улога му припадна на славниот оскаровец Том Хенкс, кој ќе го толкува ликот на полковникот Том Паркер, долгогодишниот менаџер на Присли.
– Знаев дека нема да можам да го снимам овој филм ако изборот на актерите не биде апсолутно исправен и темелно ѝ се посветивме на потрагата по актер кој ќе може да ги долови единствените движења и вокалните способности на оваа неприкосновена ѕвезда, но и неговата внатрешна ранливост што ја имаше како уметник – изјавил режисерот за „Дедлајн“.
Остин Батлер е познат главно по улогите во ТВ-сериите, како „Заменети на раѓање“ и „Дневниците на Кери“, а публиката наскоро ќе може да го види и во најновото остварување на Квентин Тарантино „Беше еднаш во Холивуд“.
Филмот наскоро ќе почне да се снима во Австралија, а сè уште не е познато кога ќе стаса во киносалите ширум светот.
FOTO: Instagram/Printskrin