Прирачникот „Наслови“ од Биљана Илиќ – водич за пишување добри наслови за интернет медиуми

2759

Прирачникот „Наслови“ од м-р Биљана Илиќ, наменет за новинарите и за уредниците кои работат, пред сѐ, во интернет медиумите, е публикуван деновиве од Здружението Член 16, издавач на порталот Плусинфо, каде авторката е главен уредник.

Авторката го подготвила овој прирачник врз основа на секојдневната осумгодишна работа на порталот Плусинфо, со цел да ги дефинира начините на кои се раѓа добриот наслов и да објасни како се учи вештината да се смисли најдобриот „излог“ за најдобриот новинарски производ.

Во последнава деценија, откако се појавија интернет медиумите и се зголеми присуството на публиката на социјалните мрежи, насловот како дел од новинарскиот производ доби огромна важност и функција. Насловот е информација, но и клик, мамка, повик да се прочита или не, новинарскиот текст. Насловот може и да го „убие“ и да го закопа новинарскиот текст и труд. Ако не смислите добар наслов, целиот ваш труд, за жал, може да пропадне и да не ја постигне целта.

– Смислувањето убав наслов е мини авторско дело. Тоа се заснова на долгогодишно искуство во новинарството, на начитаност и општо знаење, на остра и бистра мисла, на интуиција, осет за прецизност и концизност. Мајстор на добриот наслов не се станува преку ноќ. Затоа, потребна е секојдневна пракса. Вежбајте, размислувајте, бидете креативни и извлечете го најдоброто од себе и од својот новинарски тим. Советите дадени во овој прирачник може да ви помогнат во тоа – вели авторката Илиќ, која за првпат прави и поделба на 10 видови наслови.

Прирачникот „Наслови“ може да се нарача на мејлот contact@arhiva.plusinfo.mk или на телефонот 070 341-113, по цена од 200 денари.

Објавувањето на публикацијата „Наслови“ е финансиски целосно покриено од сопствени средства на Здружението Член 16.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...