Приоритетите на австриското претседателство со ЕУ пред пратениците

91

Австриската амабасадорка во Македонија Ренате Коблер пред членовите на собраниската Комисија за европски прашања денеска ќе ги презентира програмата и приоритетите за работата на Австриското претседателството со Советот на Европската Унија, кое започнува денеска и ќе трае до декември годинава.

На седницата на Комисијата поканети се координаторите на пратеничките групи во Собранието, претставници на невладиниот сектор и на дипломатскиот кор.

Австрија сака да го задржи фокусот на бугарското претседателство кон земјите од Западен Балкан. Република Македонија од Европскиот совет деновиве доби прецизна временска рамка за почеток на преговорите – јуни 2019 година – за полноправно членство во Европската унија, а во средината на јули со посетата на еврокомесарот Јоханес Хан и официјално ќе започне скринингот на македонските институции.

Шестмесечното претседавање на Австрија со ЕУ се случува во чувствителен момент имајќи го предвид очекуваното завршување на договорот за Брегзит и Буџетот на Унијата.

Австрија трет пат ќе претседава во Унијата. Првиот пат тоа беше во 1998, а потоа и во 2006 година.

Мотото под кое ќе се организираат активностите е „Европа која штити“, а главни приоритети ќе бидат миграциите и прашањата за безбедноста и конкурентноста на ЕУ, но и натамошното приближување на земјите од Западен Балкан кон Унијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...