Британскиот принц Чарлс, покрај Даниел Крег, Реми Малек и Наоми Харис, би можел да игра во следното продолжение на серијалот филмови за тајниот агент 007.
Првиот во линијата наследници за британскиот трон во јуни го посетил снимањето на филмот кој уште нема официјално име, а познат е под работното име „Бонд 25“.
Принцот со екипата разговарал за можноста во филмот да игра мала, камео улога, пишува британски „Сан“.
Сега тие разговори напредувале, делумно и благодарение на улогата на кралицата Елизабета Втора во церемонијата на отворањето на Олимписките игри во 2012 година, во филмот кој го режирал Дени Бојл, рекол изворот на тој весник.
– Им се допадна појавувањето на кралицата покрај Даниел Крег, па сметаат дека Чарлс би можел сега тоа и да го надмине. Тој е олицетворение на сè што е британско и е совршен за камео улога во еден од филмовите за Бонд. На фановите ширум светот тоа би им се допаднало – рекол изворот.
Инаку, минатиот месец било објавено и дека младата актерка Лашана Линч, ѕвезда на филмот „Капетанот Марвел “, ќе биде дел од екипата на „Бонд 25“. Тогаш било наведено и дека таа ќе биде претставена на самиот почеток на филмот, како прва жена во улогата на славниот таен агент.
Исто така, се појавиле и гласини дека Кристофер Валц би можел повторно да се појави во улогата на Блофелд, откако бил виден на снимањето на “Бонд 25”.