Група од 10-15 затвореници од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари вчера ја гледаа претставата „Нешто пропуштаме“ во Театар Комедија. Ова е првпат затвореници да бидат однесени во театар и со тоа започна реализирањето на активностите предвидени во меморандумот за соработка меѓу Министерството за култура и затворот во Шутка.
„Со меморандумот културата и уметноста во функција на едукацијата и ресоцијализацијата се приближуваат до една деликатна и маргинализирана категорија на граѓани. Соработката предвидува посети на културно – уметнички настани за примерните осуденици, збогатување на библиотеките, работилници и настани во самата установа со осудениците и со гости – уметници“, соопштија од Министерството за култура.
Со оваа акција, нагласуваат оттаму, се адресираат и препораките на Комитетот за спречување на тортура (ЦПТ) на Советот на Европа, кои години наназад упатуваат на отсуство на какви било активности за едукација и ресоцијализација на осудениците во македонските затвори.