Прилеп под вода, поплавени пет куќи

200

Околу 13 часот го зафати Прилеп силно невреме проследено со пороен дожд и грмежи. Невремето траеше нешто повеќе од 40-тина минути и според надлежните наврнале околу 40 до 50 литри дожд.

Според градоначалникот Илија Јованоски, кој информираше за преземените мерки, на 15-тина места во градот и околината имало затнати канализации, пријавено е поплавување на пет куќи во градот и гром удрил во бандера. Предизвикана е мала материјална штета, но за среќа нема повредени.

– Во моментов екипи на двете јавни комунални претпријатија, „Комуналец“ и „Водовод и канализација“, заедно со две приватни компании, со комплетна механизација се на повеќе пунктови во градот и ги расчистуваат улиците од кал и наноси. Главно, се чисти во прилепската населба Тризла 2, каде има наноси по улиците, изјави Јованоски.

Од јавните комунални претпријатија ги повикаа граѓаните доколку имаат штети, да ги пријават, за да може екипите да интервенираат.

Поројните дождови предизвикаа штети и во Кочани. Врнежите и високиот водостој на Кочанска Река оштетија дел од цевководот на атмосферската канализација во коритото на реката во централното подрачје на Кочани.

Дефектот го оневозможи собирањето на надојдената вода по улиците, поради што постоеше опасност од излевање во околните објекти, пред се во Трговскиот центар.

– Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ брзо интервенираше и постави нови цевки за атмосферска канализација во должина од 40-ина метри, по течението на реката во близина на Центарот за култура. Ова е само еден од поголемите дефекти што настанаа од невремето во општината. Нашите екипи континуирано се на терен и настојуваме соодветно да одговориме на задачите, истакна директорот на „Водовод“, Андреј Киров.

Од „Водовод“ најавија интервенции на уште неколку улици во Кочани каде се појавиле слични проблеми, а за што добиле и повици од граѓаните.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...