Општина Прилеп традиционално по 13 пат, годинава е организатор на чествувањето на градската слава „Свети Никола“. Домаќин на чествувањето, поточно кум на градската слава овој пат е фамилијата на градоначалникот Илија Јованоски.
Од општината најавија дека годинава патрониот празник на градот, ќе се чествува во духот на еднаквоста и хуманоста, без поделби на богати и сиромашни, односно без свечени ручеци во ресторани.
– Јас сум градоначалник на сите граѓани, без оглед на националната и верска припадност. Затоа обврските околу годинешното кумство, ги презеде мојата сопруга Виолета Јованоски, како претставник на нашата фамилија. Сакам да кажам дека во духот на св. Никола како заштитник на морето, морепловството,децата и сиромашните годинава за прв пат, ќе чествуваме во духот на еднаквоста и хуманоста. Во центарот на градот ќе се служи една свечена, посна трпеза, а прослави во ресторани ќе нема. Второ, за да ја поттикнеме хуманоста, организиравме со здружението ‘Епилепсија Македонија’ и со о.о. на Црвен Крст, хуманитарна акција. Сакаме да покажеме дека хуманоста нема име, има само срце. Затоа донациите од граѓаните во неколкуте маркети во градот, беа спакувани од млади волонтери, а потоа екипи од центарот за социјална работа ги дистрибуираат до семејствата –на кои што оваа помош им е најпотреба. Вака покажуваме почит, го штитиме достоинството на сите наши сограѓани, далеку од камерите,без помпа, без популизам – порача градоначалникот Илија Јованоски.
За празнувањето, чествувањето, за подготовката на традиционалната трпеза како што рече, обврските ги презема неговата сопруга Виолета Јованоска.
Прилепските домаќинки, коишто со години го подготвуваат проверениот рецепт за посни сарми, од изутрината во салата на хотелот „Липа“ виткаат речиси 70.000 мали посни сарми.
„Една прилепчанка ако не завитка 1000 сарми, таа не е прилепчанка. Прилепчанките се единствените традиционални жени, и тие ја почитуваат виситнски традиицијата. Се слави во куќите во домашна атмосфера, се е направено од рацете на домаќинката. И ние, дома чекаме гости, ќе ни дојдат за овој ден од сите страни, и од странство. Денеска сигурно овде ќе свиткаме 40.000 сарми. Ние можеме тоа да го направиме со љубов и домаќински“, вели Љубица Петреска, од организацијата на жени „Мајка Традиција“ од Прилеп.