На вечерашната рекреативна, хуманитарна трка во Прилеп, учествуваа повеќе од 1.000 граѓани, кои со уплатата на котизацијата од 100 денари за учество на трката, го помагаат опремувањето на Дневниот центар за лица со церебрална парализа.
Рекреативно донаторската трка беше во организација на Општина Прилеп, „Гентерм Македонија“, „Комфи Ангел“ и Регионалната канцеларија на Стопанската комора.
Граѓаните беа задоволни што учествуваат во трката, но уште поголемо беше задоволството на родителите со деца со церебрална парализа.
– Јас сум родител на дете со попреченост, мило ни е за настанот и за отворањето на Центарот. Ние, родителите, го запознавме градоначалникот со нашите потреби. Тој нѐ ислуша и го исполни неговото ветување. Моето дете има седум и пол години и во тој период сме се сретнале со многу неприлики во однос на школување и престој на децата, а тука спаѓаат и работата и егзистенцијата на родителите. Мислам дека овој Центар би бил добар за развојот, како за физичкиот така и за интелектуалниот, когнитивниот, мисловниот развој на децата со попреченост. Мило ми е што се одржува трката, бидејќи секој собран денар е од полза на Центарот. За нас, родителите, Центарот ќе биде од голема помош, бидејќи доколку не се бабите и дедовците да ги чуваат децата, ние немаме можност некаде да работиме и да придонесуваме за дома. Кога би можеле да ги оставаме во целодневен престој, ние би можеле да работиме а децата да бидат згрижени баш онака како што треба. Како што напомена и градоначалникот, Центарот ќе вклучува и вработување на неколку родители, во зависност од образованието и потребите, така што ќе можат да бидат вклучени во работата на Центарот – вели Бранка Пројческа, родител на дете со попреченост.
– Овој Центар е потреба за нас родителите и за нашите деца, за да бидат згрижени во Центарот. Досега сме немале можност да одиме на работа, бидејќи сме немале кому да ги оставиме децата, немало услови за тоа. Упатуваме голема благодарност до градоначалникот за неговиот напор за отворање на овој Центар – изјави Билјана Стојческа, родител на дете со церебрална парализа.
Градоначалникот Илија Јованоски најави дека оваа трка ќе прерасне во традиционална.
– Денеска Општина Прилеп заедно со компаниите „Комфи Ангел“ и „Гентерм“, впрочем сите компании од Стопанската комора на Прилеп, како општествено одговорни фирми, заедно организираме една рекреативна трка низ улиците на Прилеп, за прв пат во хуманитарна акција. Заедно со Општина Прилеп бизнис секторот се вклучува во организацијата на оваа трка. Имено станува збор за помош на лицата со церебрална парализа, за помош на Центарот со церебрална парализа. Денеска овде се преку 1000 граѓани, кои што покажаа дека се хумани луѓе, тие донираат по 100 денари. Оваа помош им е потребната на дечињата што боледуваат од церебрална парализа. Впрочем вечерва сите учесници се и победеници на оваа трка, која што се надевам дека ќе прерасне во традиционална – порача градоначалникот Јованоски.
Хуманитарната трка е организирана со голема поддршка од бизнис секторот на Прилеп.
– Во името на Регионалната канцеларија на Стопанската комора, се заблагодарувам на сите компании коишто го поддржаа и партиципираат на овој прекрасен настан. Не само што правиме нешто добро, туку како што гледате, колективната свест и општото задоволство се очигледни. Ја користам приликата да им се заблагодарам и на сите вработени во ‘Комфи Ангел’, и да кажам дека сум горда на нив, за нивниот одзив и партиципирање. Во моментов 480 вработени се вклучени во трката. Секоја чест, ме прават горда, на она што тие можат и знаат да го направат. Во иднина, стопанството со невладиниот сектор ќе ја продолжиме соработката, ќе помагаме на оние на кои што им е неопходна помош – порача Ирена Јакимовска, претседателка на Регионалната стопанска комора-Прилеп и сопственичка на конфекцијата „Комфи Ангел“.
Во новиот Дневен центар за лица со церебрална парализа Општина Прилеп вложува 2.5 милиона денари, а речиси исто толку средства ќе бидат вложени од Министерството за труд и социјална политика. Наскоро се очекува да финишира реконструкцијата на објектот, и неговото целосно опремување, така што според најавите, за месец и пол овој Дневен центар ќе биде официјално отворен.