Експериментот на градоначалникот на Кавадарци за прочистување на воздухот од опасните ПМ-10 честички дава резултати. Наместо да чека државата, екологистите и експертите да смислат „стратегии“ и да договорат „директна акција против загадувачите“, младиот и енергичен Митко Јанчев, со две возила распрскувачи, успева драстично да го намали аерозгадувањето на својот град. Сличен експеримент успешно се спроведуваше и во Куманово, а велат дека со помал ефект во времето на градоначалникот Коце Трајановски и во Скопје.
Страшно ме нервира негативната енергија со која екологистите го критикуваат наводниот „евтин триумфализам“ на Јанчев, обвинувајќи го дека неговиот експеримент создавал кисели дождови, со кои се загадувала почвата. Од што можеме да сфатиме дека покорисно е ние да го „филтрираме“ воздухот со нашите бели дробови. А почвава, инаку, е совршено чиста. И таа, особено во урбаните средини, ни е многу важна како таква, бидејќи имаме намера да садиме тикви и зелка, за да преживееме.
Исклучивоста, но и очигледната политичка боја на критиките што се упатуваат на сметка на успешниот Јанчев, се голем противник на било каква општествена акција против загадувањето. Упорното ломотење за „систематски“ и „научен“ третман на темата најчесто се користи како потврда на неспособноста на луѓето да се соочат со проблемите сега и веднаш и да го сторат она што е можно. Можеби споредбата е малку неумесна, ама тоа е слично како вашето дете да гори од температура од 39 степени, а лекарот ве советува да не посегнувате веднаш по парацетамол (бидејќи и тој пустиот има штетни ефекти), туку да се обидувате со туширање со млака вода, со масажа со алкохолен раствор и слични бапски техники, сѐ додека вашето миличко не заврши на инфузија.
Кога ќе сфатиме дека наместо пристапот „или“ постои и пристап „и“? Кога ќе сфатиме дека покрај системски однос заснован врз научни сознанија, кој секако ни е неопходен во борбата против аерозагадувањето, голема работа вршат и активности инспирирани од т.н. мали идеи и искуства, кои веќе се применуваат во светот? Зошто Скопје, на пример, мора да чека „стратегија“, додека Кавадарци се чисти со возила распрскувачи на досетливиот и претприемчив Јанчев?
И да се разбереме, не само што не сум против, туку енергично повикувам на директна акција против загадувачите. Ама не со напразно ломотење, туку баш директна акција – со конкретен таргет и со конкретна цел што се сака да се постигне. И за да не биде дека и јас млатам празна слама, веднаш ќе дадам конкретен предлог.
Плусинфо пред некој ден објави фотографии колку загадува градилиштето на Јужен булевар во Скопје, до катната гаража „26 јули“, во која е сместен и објектот на „Тинекс“. Во овој дел има неколку згради, во кои сигурно живеат повеќе од илјада станари. Да не зборувам за тоа дека подвозникот е и многу прометна клучка, па тука секојдневно минуваат илјадници возила и луѓе. Градилиштето создава огромна прашина, која ја загадува целата околина. Возилата кои влегуваат и изглегуваат во заградениот објект не се мијат со вода и очигледно е дека не се почитуваат базичните стандарди на одржување на градилиштето.
Што е предлогот? Седумдневна предупредувачка и „казнена“ блокада на градилиштето, со две-три возила, што ќе ја организираат нашите екологисти расположени за директна акција. Ако по истекот на тие седум дена градежниците ги сменат навиките, добро. А ако загадувањето продолжи, да се пристапи кон нова, овој пат триесетдневна блокада на градилиштето. Па да видиме…
Ви звучи ли ова доволно директно? Мене – да. Остварливо? Секако. Ако можат абдали секој ден да го блокираат центарот на Скопје за глупости, една ваква акција каква што предлагам јас, може да се организира и верувам дека граѓаните ќе ја поздрават и ќе ја поддржат.