Најмалку на два фронта академиците и премиерот Зоран Заев ќе треба да ја бијат битката Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) да не го промени името како што налага Договорот со Грција и тоа надвор, со грчката страна и дома со албанскиот политички блок, а можно е и со ВМРО-ДПМНЕ.
Ова произлегува откако претседателот на Академијата Таки Фити и академикот Владо Камбовски излегоа со став дека при спроведувањето на Договорот од Преспа ќе се заложат да не се смени името на МАНУ. Тие ова го темелат на принципот бона фиде (добронамерност, добра волја) на која се надеваат од грчка страна, но и тоа што пандан на институција со такво име нема на спротивната страна, во Грција. И Заев верува во духот на бона фиде дека ќе се најде решение за ова прашање.
Но, и доколку се претпостави дека принципот на добронамерност за МАНУ МНТ, Македонската филхармонија … ќе помине во Грција,тешко дека ќе има бона фиде од албанскиот политички блок за зачувување на имињата на тие институции. Сите партии на Албанците без исклучок во изминативе речиси три децении го отвориле прашањето за промена на имињата на државните институции со тенденција тие да бидат именувани какo на пример Академија на науките и уметностите на Македонија, наместо Македонска академија на науките и уметностите, со цел, како што велат институциите да бидат на сите граѓани на Македонија.
По консултации на Плусинфо со партиите на Албанците за предлогот на академиците МАНУ и другите институции да си ги зачуваат имињата, сите и владejачките и опозициските партии ни потврдија дека во пресрет на референдумот нема да брануваат, но оти прашањето ќе го отворат при уставните измени за имплементацијата на Договорот за името.
– Нека помине референдумот, сега да не брануваме – велат од албанскиот политички блок.
Образложението е дека тие немаат против институциите да се именуваат како на пример Академија на науките и уметностите на Македонија, но се противат да останат со националниот предзнак како Македонска академија на науките и уметностите.
-При отворање на Уставот ќе инистираме тие институции да не бидат „македонски“. Добро би било доколку Грција прифати да бидат на Македонија, во спротивно институциите кои се основани од државата да бидат именувани во Северна Македонија, Потребно е да се разграничи државниот од етничкиот идентитет – велат од албанскиот политички блок.
Третиот фронт во битката за имињата на институциите академиците ќе треба да го водат со ВМРО-ДПМНЕ, ако се знае дека најголемата опозициска партија не го признава Договорот за името и речиси секојдневно на прес-конференции укажува дека со Договорот се брише институционалниот идентитет на Македонија, посочувајќи ги токму називите на институциите основани од државата.
Имајќи предвид дека по референдумот следува отворање на Уставот за имплементација на Договорот од Преспа, јасно е дека на владејачката гарнитура и на академиците доправа им претстои битка за зачувување на имињата на институциите особено поради фактот дека власта го нема потребното двотретинско мнозинство за отворање и измени на Уставот.
Академик Владо Камбовски пред два дена истакна дека:
-Одредбата во членот 7 од спогодбата од Преспа е јасна во поглед на тоа каде ќе се користи придавката „македонски“. Таа ќе се користи и за јавните институции и тој поим е широко одреден. Се однесува на јавни институции што вршат јавни функции, но ги опфаќа и јавните институции во сферата на културата, образованието, науката итн… Останува евентуално предмет на понатамошни разговори, во духот на бона фиде толкувања, дали овие други институции што се во независната сфера на општеството (научните, пред сѐ), како што е Македонската академија на науките и уметностите, поради нивното брендирање во научната и во светската јавност, да можат сепак да го користат името со придавката „македонски“, особено што нема пандан на другата страна. Тоа ќе бидат повеќе меѓуинституционални разговори.
Претседателот на МАНУ Таки Фити пак, вчера изјави дека како аргумент може да се употреби и фактот дека, и покрај тоа што МАНУ е буџетска институција, сепак во голем дел е и самостојна во повеќе области од своето работење.
– Навистина, ние сме буџетска институција, но не целосно. Голем дел од средствата обезбедуваме и со научни проекти, а научната сфера е посебна општествена сфера. Од самото наше формирање, како академија, и покрај тоа што сме буџетска институција, имаме извонредно голема самостојност. Токму поради тоа можеби има флексибилност да се размисли (ќе разговараме и со правници) ако може да се употреби тоа како аргумент, покрај бона фиде, за зачувување на името на МАНУ. Но што и да се случи, не ја намалува нашата убеденост за успешно решавање на идентитетските прашање – смета Фити.
Претпоставките се дека во согласност со спогодбата со Грција, кратенката МАНУ би се трансформирала во АНУСМ, односно Академија на науките и уметностите на Северна Македонија.
Премиерот Зоран Заев вети дека ќе се заложи да се разложи духот на договорот до најситниот детал, во текот на неговата имплементација, за МАНУ да го задржи својот назив – Македонска академија на науките и уметностите.
– Нашиот народ е исправен пред многу сериозна одлука. Духот на договорот веројатно во текот на неговата имплементација ќе го разложуваме до најситниот детал, вклучувајќи го и прашањето за МАНУ. Треба да знаете дека сѐ што е по линија на новото име, доколку граѓаните го прифатат тоа, ќе се применува по вертикала докрај. Сѐ што е по линија на идентитетот ќе се применува по линија на идентитетот докрај. Значи: македонско, македонска академија или слично е идентитетско прашање, но и државна институција финансирана и од државни пари. Затоа е отворена дебатата. Верувам дека и во духот на бона фиде ќе ги најдеме решенија за сите овие прашања – рече премиерот Зоран Заев.