Привремена ДИК во јуни, а Изборен законик наесен

144

До средината на јуни може да се очекува Државната изборна комисија (ДИК) да добие привремен состав со мандат од шест месеци, додека до крајот на есента се очекуваат нови измени во Изборниот законик со што би можело да биде опфатен и изборниот модел.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, рече дека работните групи го договориле ова преодно решение за избор на членови на ДИК, што е засновано на стариот закон.

– Ние како координатори на сите политички групации во Парламентот се договоривме да поднесеме предлог законско решени што е темелено врз постоечкото или сторото законско решение, имајќи предвид дека разговорите помеѓу работните групи за измени на изборното законодавство се во тек и ќе течат и понатаму, Но, од друга страна, факт е дека во државата не постои Државна изборна комисија (ДИК), рече Тунтев, посочувајќи дека нејзините надлежности не се поврзани само избори, туку и со други форми на изјаснување.

Според ова решение, ДИК ќе има седум членови од кои претседателот и двајца членови на ДИК ќе бидат предложени од страна на опозицијата, а потпретседателот и тројца членови ќе бидат на предлог на владејачкото мнозинство. Мандатот на овие членови ќе биде до шест месеци.

– Претпоставувам дека до крајот на есента ќе завршат преговорите и ќе имаме нови законски решенија за изборното законодавство, рече Тунтев додавајќи дека се уште нема поделба на местата за членови на ДИК.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ потенцира дека тие остануваат на нивните залагања за целосна реформа на изборното законодавство во смисла на една изборна единица, отворени листи итн.

– Меѓутоа една политичка партија тоа не може сама да го дефинира. Тоа ќе излезе како резултат на преговори, што не секогаш, се лесни и не само на преговори меѓу власта и опозицијата, туку и внатре меѓу коалициските партнери, изјави Тунтев.

Според него, реформата во изборното законодавство ќе значи многу за развојот на демократските процеси во оваа држава.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...