Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против четири лица осомничени за „злоупотреба на службена положба и овластување“. Осомничени се четворица поранешни министри и заменици во Министерството за земјоделство и за сите обвинителството бара притвор.
– Лицата се осомничени дека во својство на министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и нивни заменици во одреден период склучувале договори за закуп на земјоделско земјиште, кои не ги раскинувале иако закупувачите не го плаќале надоместокот за закуп. Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата. На овој начин била предизвикана штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 88.467.607 денари (над 1,4 милиони евра)“ – велат од обвинителството.
Иако од обвинителството не соопштуваат имиња, неофицијално во акцијата опфатен е и Љупчо Димовски, поранешен министер, а сега пратеник, кој беше обвинет и за „27 април“, а потоа доби и амнестија. За останатите тројца, неофицијално се споменуваат имињата на ексминистрите Ацо Спасеновски и Михаил Цветков, поранешниот заменик Кристијан Делев.