Мисијата на Рајнхард Прибе, високиот чиновник на германската и на европската администрација, заврши со објавувањето на документот на комисијата на ЕУ под негово водство. Сега, вон од основната мисија, тој повремено не посетува за да види до каде сме со реформите. Извештајот кој популарно е наречен по него, но зад кој стои авторитетот на ЕУ, е дијагноза за нашата болест: заробена држава, состојба на распространета корупција и експлоатација на јавните ресурси за приватна ќар, преку неутрализација на контролните механизми, со законски или незаконски средства.
Патот од заробена до демократска и правна држава мораме да го изодиме сами. Прибе, не само што не може да го стори тоа место нас, тој не е во ситуација ниту нешто суштински да каже. Имено, отвореното кажување, по име и презиме, би значело мешање во внатрешните работи на една суверена држава. Тоа, Германецот, очигледно не сака да го прави. И со право, затоа што само ние можеме да си ги кажеме отворено сите непријатни и лоши работи за нас самите. Сепак, кога веќе прифатил покана да учествува на конференција во Македонија, тој морал нешто и да каже. Како најважни акценти од неговиот настап на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, на јавноста, која пека по „прости и строги“ вистини за нашата корупција и дефектите на нашиот правен и политички систем, и се пренесоа изјави во форма на ребус. Тие изјави, патем речено, по малку личат на оние на мнозинството на нашите политичари и научници. Еве три цитати од настапот на Прибе, кои беа објавени во нашите медиуми. 1. „Понекогаш потребни се промени во законодавството, а за тоа ви се потребни политичари кои се независни, кои што ќе направат соодветни реформи и ќе има политичка волја за тоа“. 2.„На таков начин правниот систем ќе може да воспостави независност. Без демократско управување не може да постои ниту владеење на правото“. 3.„Тие треба да имаат политичка волја за да го имплементираат владеењето на правото. На таков начин правниот систем ќе може да воспостави независност. Без демократско управување не може да постои ниту владеење на правото“.
Што. Всушност, сакал Прибе да ни каже, а не можел од обѕири кон домаќините? Прво, дека секаде правото е производ на политиката и на политичарите. Според тоа, какви политичари, такви закони и реформи. Лоши политичари, лоши закони и реформи. Значи, политичарот, како што вели Прибе, мора да биде „независен човек“. Тоа не значи, како што мнозина би помислиле, да не припаѓа на партија туку, без оглед на која партија припаѓал, во неговите ставови и поведение јасно да се гледа дека општиот интерес има приоритет над партискиот. Тоа се политичари кои ќе се определат за реформи за доброто на целото општество дури и кога таквите реформи не се совпаѓаат со партиските интереси. Да речеме, поддршка на политичари од ВМРО-ДПМНЕ за правната држава и за злоупотребите на моќта на нивното претходно раководство. Само такви, „независни”, политичари, кои знаат да го стават општиот интерес пред партискиот можат да спроведат реформи со кои ќе се воспостави независно судство. Натаму, Прибе сака да ни каже дека владеење на правото нема во земја во која не функционира демократијата туку начелото: со пријателите и кога грешат, против непријателите и кога се во право. Демократија, пак, може да функционира само онаму каде политичарите и партиите се спремни да се обединат околу нејзините базични принципи, со контролирана власт како еден од најважните. Таму каде што политичарите не можат да се обединат околу демократијата како „единствената игра во градот“, се играат други игри. Но, кога се играат други игри, тогаш нема ниту вистинска демократија, ниту правна држава. Кај вас, би рекол Прибе кога би можел, се играат други игри. Би рекол и дека кај нас нема владеење на правото затоа што политичарите немаат политичка волја да воспостават состојба на владеење на правото. Имено, без таа политичка волја, политичарите и натаму ќе се мешаат таму каде што не би смееле, па нема да има независен правен систем. Би додал дека бидејќи не ни функционира демократијата, не може да ни функционира ниту правната држава. За да ги направи работите уште појасни, би морал да рече дека нема да имаме демократија и правна држава ако кај политичарите (и кај народот) нема волја за демократија и правна држава. Ништо од двете ако демократијата и правната држава не станат вредност за која луѓето се спремни нешто да жртвуваат, макар се работело за време или нарушување на личната комоција.
Нашиот randez vous со Западот од пред триесетина години, е комплициран. Во прашање се две политички истории и култури кои не се компатибилни. Најтешко, пак, поминуваат оние во Македонија кои искрено сакат промена која ќе не доближи до западната култура со која лично споделуваат вредности. Прибе, претставник на Западната цивилизација, не знае, да го цитирам нобеловецот Иво Андриќ, „што значи да се родиш и да живееш на ивица меѓу два света, да ги познаваш и да ги разбираш и едниот и другиот, а да не можеш да сториш било што тие да се објаснат меѓу себе и да се зближат, да ги сакаш и да ги мразиш и едниот и другиот, да се колебаш и да се поведуваш цел век, да имаш две татковини без и една, да бидеш секаде како дома и да останеш секогаш странец, накратко да живееш распнат, но како жртва и како мачител во исто време“. Тој не го чул заканувачкиот шепот на духот на Ориентот кој ние го слушавме во текот на нашите животи, секогаш кога се обидуваме да се исправаме во достоинство: „Нема многу долго да одиш таков виток, да гледаш право, да трепериш со насмевката, да владееш со слободната мисла и со гласниот отворен збор. Таков каков што си не можеш овде да останеш. Ќе ти ја свиткам кичмата, ќе ти ја натерам крвта околу срцето, ќе ти го оборам погледот, ќе направам од тебе горка билка на ветровито место, на камено тло. И никогаш веќе нема да те познае не француското огледало, туку ниту очите на твојата родена мајка“.
Прибе не знае со каков демон се бориме.
Извор: Инбокс7