Прибе: Независни политичари услов за владеење на правото

135

Сите земји од Западен Балкан се соочуваат со стандардите за владеењето на правото. Понекогаш се потребни промени во законодавството, а за тоа треба независни политичари кои ќе направат соодветни реформи, рече правниот експерт од Европската комисија Рајнхард Прибе денеска говорејќи на меѓународната научна конференција  „Доброто владеење и владеењето на правото од перспектива на ЕУ интеграциите“.

Според Прибе, услов за владеење на правото во земјава се независни политичари, кои треба да имаат волја за да го имплементираат.

– На таков начин правниот систем ќе може да воспостави независност. Без демократско управување, не може да постои ниту владеењето на правото – вели Прибе.

Вицепремиерот Бујар Османи рече дека владеењето на правото е воздух без кој не се може во едно општество.

– Владеењето на правото е едно од фундаменталните принципи за започнување на преговорите со Европската Унија, за прогрес на патот кон Унијата, нешто што е многу важно за развојот на државата и општеството внатре – истакна Османи.

Денешната конференција, како што рече тој, е можност за Прибе, кој во 2015 и 2016 година ги даде првите извештаи и препораки за владеење на правото, да се направи рекапитулација, односно едно последно тестирање пред големата октомвриска одлука на ЕУ.

– Убеден сум и можам да најавам дека октомври ќе биде историски месец за Република Северна Македонија, бидејќи сосема заслужено ќе добие датум за започнување преговори со ЕУ – рече Османи.

Според него, моментот е неповторлив, a разликите околу законот за јавно обвинителство не се непремостливи.

– Политичките лидери ги знаат очекувањата на граѓаните, ќе одговараат соодветно и ќе ги надминат своите почетни позиции за да се најде конечно решение – рече Османи.

Според него, со политичка волја може да се дојде до решение за законот за обвинителство.

– Како Влада имаме усогласен став по законот за јавно обвинителство и заедно го донесовме законот на владина седница. Во законот се инкорпорирани и ставовите на ДУИ – рече Османи.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...