Пречистителна станица во Сокпје за која француската влада ја плати изработката на Физибилити студијата ќе почне да се гради наредната година, информира Министерството за финансии.
Владата на последната седница ги усвои законите за финансирање на проектот и ги проследи до Собранието.
Од Министерството за финансии велат дека реализација на овој инфраструктурен зафат ќе чини 136 милиони евра. Од нив 68 милиони евра ќе се обезбедат со кредит од Европската инвестициска банка(ЕИБ), 58 милиони евра од Европската банка за обнова и развој(ЕБОР) како и грант средства од ЕИБ преку Economic Resilience Initiative (ERI) во износ од 10 милиони евра.
Европската инвестициска банка (ЕИБ), како што неодамна беше соопштено, веќе донела одлука за одобрување на грантот од 10 милиони евра
Дополнително владата ќе преземе активности во соработка со ЕИБ и ЕБОР за обезбедување на грант за инвестиции во овој проект, за да се намалат износите на заемите.
Реализацијата на проектот ќе биде на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, а ќе соработуваат и Град Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за финансии.
Пречистителната станица ќе се гради во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар во областа Трубарево и ќе опслужува над 500.000 жители. Овој еколошки проект ќе овозможи третман на урбаните отпадни води согласно ЕУ стандардите, а ќе се намали загадувањето на реката Вардар.
Реализацијата на проектот ќе се одвива во две фази. Првата предвидува до 2030 година да се обезбеди пред-третман и биолошки третман на отпадните води, додека најдоцна до 2045 година од отпадните води што завршуваат во Вардар ќе се отстранува азотот и фосфорот.
Целокупниот капацитет ќе се простира на површина од 13 хектари.