Претседателот на државата беше одлучен во образложувањето на намерата да биде непоколеблив во одбраната на македонштината.
Според размерите, противударот не ќе е мал. Ќе бидат мобилизирани сите патриотски ориентирани сили со комплетниот одбранбен арсенал.
Се шират гласови дека на припомош ќе има и странски сили. Разузнавачите јавуваат дека принцот на Хунзите, нашиот антички брат, со неговата борбена коњаница, веќе е на пат. На полигоните кај Паљурци веќе штабските шатори се растегнуваат. Борбени звуци одекнуваат.
И потомците на Александар Македонски од планинските висови на Непал прогласиле итна мобилизација. Нема да не остават на цедило. Нема капитулација.
Како што јавуваат нашите родени браќа од прекуокеанските води, Стив, Том, Џорџ, Паул, Питер, Тени, татковината во ова зло време не ја забораваат. Стратегијата и активостите за одбрана на името и идентитетот, со врвни странски експерти, веќе се договараат.
Неговата екселенција Орбан, еден од потврдените пријатели наши, за да го подигне борбениот дух, ни испраќа оркестар од чардаши. А за прославување на успешниот победнички крај, нѐ чести со контигент „Бика вер“ и „Токај“.
Да не ги заборавиме и дамите солистки, од опозициската елитна единица, снајперистки. Со куршум-реденици на градите и кобалт-револвери на појаси, црно ни пишуваат. Бог знае како глава ќе се спаси.
Слободно спуштете завеси – претставата на будалштини, брзо ќе заврши!