Државната изборна комисија (ДИК) ги предупреди кандидатите за претседател на претстојните избори на 21 април доследно да се придржуваат до законските одредби за предвремено почнување на изборна кампања.
Членот на ДИК, Борис Кондарко посочи дека секој со сопствен пример може да даде придонес за успешни избори, но и сликата за изборниот процес да биде позитивна.
– Севкупната слика за изборниот процес и за нашата држава зависи од тоа како ќе се спроведат овие избори, затоа ги повикуваме сите, но пред се кандидатите за претседател во овој период пред почетокот на кампањата но и за време на кампањата, строго да се придржуваат, да бидат одговорни и сериозно да се однесуваат кон сите пропишани правила во Изборниот законик, што се однесуваат на предвремено почнување на кампањата – рече Кондарко.
Тој повика и побара коректна, чиста позитивна европска кампања, бидејќи, како што рече, тоа е во интерес на сите, пред се на кандидатите, на нивниот интегритет, во интерес на политичките партии, во интерес на ДИК, и во интерес на целата држава.
– Нема потреба поради определени непромислени постапки и изјави ние како ДИК да се ставаме во улога на судија и да одлучуваме по некакви приговори – подвлече Кондарко.
Претседателот на ДИК, Дерковски потсети дека вчера комисијата донела заклучок за потврдување на кандидатите кои ќе учествуваат на изборите, откако беше утврдена регуларноста на нивните кандидатури и нагласи оти тоа значи дека тие и официјално се во изборната трка.
Дарко Каевски, претставник на СДСМ и на коалицијата за кандидатот Стево Пендаровски, по утврдувањето на редоследот на претседателските кандидати, изјави дека кампањата што ќе ја водат ќе биде европска и оти од денеска па се до 1 април, кога е официјалниот почеток, ќе се воздржуваат од кампања и од јавни настапи и ќе ги почитуваат сите законски прописи.
– Очекуваме фер, европска кампања во духот на европските вредности и убеден сум дека таква кампања ние како СДСМ и 31 партија што го поддржаа нашиот натпартиски кандидат Стево Пендаровски дека заеднички ќе водиме европска кампања, што ќе биде во духот на европските вредности – рече Каевски, додавајќи оти иста кампања очекуваат и од противкандидатите.
Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ, претставник на кандидатката Гордана Силјановска Давкова, рече дека веќе прекинале со сите активности што не смеат да бидат емитувани и реализирани, како на терен, така и медиумски на социјалните мрежи.
Истакна дека очекува фер и демократска кампања од страна на власта, бидејќи според него, на референдумското гласање немало таква кампања.
– ВМРО-ДПМНЕ максимално ќе се залага за европска, фер и демократска кампања и ќе ги следи сите норми и начела што се припишани од страна на изборната комисија во однос на фер и демократски избори – рече Арсовски.
Рамадан Реџепи, портпаролот на кандидатот Блерим Река, истакна дека за нив бројот еден претставува дека се борат за една република за сите, и една европска мултиетничка држава.
– Ние се надеваме на фер и пред се мирни избори, европски избори. Ние веќе видовме на социјалните медиуми дека се прави некаква кампања. Се придржуваме кон тоа да ја почнеме кампањата од 1 април – истакна Реџепи.
В понеделник во ДИК ќе се спроведе жребувањето за редоследот на кандидатите за градоначалници на општините Охрид, Ново Село и Дебар.