Претседателскиот лет за Брисел

3969

Пред неколку години престојував за прв пат во Виена. Многу работи ме воодушевија, но кога би требало да издвојам само една, тоа дефинитивно би било виенското метро. Одличен распоред на линиите, прилично уредно и што е најважно просекот на чекање беше 3 или 4 минути. На една од многуте метро превози, до нас застана отмена повозрасна дама која ми изгледаше многу познато. Причекав додека да влеземе во метрото и ги прашав останатите дали тие можеби ја препознаа. Еден од пријателите кој има завидно дипломатско искуство ми ја освежи меморијата, кажувајќи дека станува збор за Бенита Фереро-Валднер, поранешна еврокомесарка и министерка за надворешни работи на Австрија.

Колку и да не е чудно за западните политичари, по којзнае кој пат ме воодушеви фактот што Бенита, заедно со сите нас – странските туристи и локални жители се возиме во истиот јавен превоз. Нема двоење, едноставно тоа што е добро за граѓаните, мора да е добро и за политичарите. Во спротивно, доколку не е како што треба, ќе го чувствуваат проблемот и самите политичари што несомнено ќе води кон многу побрзо и поквалитетно менување на работите во позитивната насока.

Минатата година, пак, бевме на гости кај наши пријатели во Холандија. После прекрасното разгледување на Хаг возејќи се на едно од најудобните превозни средства – велосипедот, решивме да направиме мала пауза и прошетка низ центарот. Додека домаќините ни ги покажуваа административните објекти стигнавме до Владата на Холандија. Само што започна објаснувањето кој е и во која зграда се наоѓаат работните простории на премиерот, пред нас се појави еден човек кој дотогаш воопшто не го познавав. Дојде како секој друг човек, без никакво обезбедување, со чаша кафе или сок во раката и влезе во зградата. Да, тоа бил Марк Рут, премиерот на Холандија. Очигледно се враќал од пауза или состанок, се движеше пеш и не се дигна никаква фама околу него. Пријателите ни кажаа дека тоа е сосема нормална појава таму и дека често за време на викендите може да се види со пријатели како ужива во локалните кафулиња на пролетните сончеви зраци.

Ако треба со еден збор да ги објаснам овие случки, би рекол „нормалност“. Држави, но и политичари кои се свесни дека тие се привремено на одредена позиција, макар тоа привремено значи 2 или 16 години. Политичари и функционери кои знаат дека се платени од граѓаните како даночни обврзници. Граѓани кои секојдневно ја развиваат индивидуалната свест дека политиката значи јавно добро, а институциите постојат за да носат добри одлуки во името на сите граѓани, без разлика на нивната етничка, верска, политичка или било која друга определба или припадност. И ваквите работи не се случуваат само во Холандија, Австрија или во Скандинавските земји, туку се секојдневие во многу земји со демократска традиција и култура во светот.

Но, каде сме ние и нашата земја на оваа мапа? Како се однесуваат во континуитет политичарите и функционерите во една од најмалите, најсиромашните европски држава и земја лидер по загаденост на континентот?

Скапи службени возила, целосно игнорирање на јавниот градски превоз, велосипедот и пешачењето од страна на локалните и централни функционери и политичари. За меѓуградскиот автобуски и железнички превоз воопшто да не разговараме. Убеден сум дека ако се направи анкета помеѓу политичарите и функционерите на тема „кога последен пат сте се возеле во воз“ или „колку пати неделно користите автобус како јавен градски превоз или во меѓуградскиот сообраќај“, резултатите ќе бидат застрашувачки. И тука, секако, ќе нема двоење по политичка партија. Напротив кај сите партии ќе добиеме речиси идентични резултати.

Сепак, дали оправдувањето за ова може да го најдеме во младата демократска традиција на земјава од само три декади? Дали политичарите споро созреваат или се „опијануваат“ од благодетите на власта, па затоа ги забораваат одговорните манири и навики?

И јас, како и огромното мнозинство од граѓаните, сметам дека ништо од ова не може да биде оправдување. За ниедна партија, без исклучок. Апсолутно политичарите се должни функционираат со истите привилегии кои им ги овозможиле на тие кои ги застапуваат – граѓаните. Ако нема добар градски превоз за граѓаните на Скопје, тогаш ќе нема и за ниеден политичар. Доколку е загаден воздухот и се препорачува граѓаните да не ги користат автомобилите, тогаш истото ќе го почитуваат и јавните функционери. Во таква ситуација тие треба да го дадат првиот личен пример. А, тоа е изводливо на два начини: 1) И тие ќе користат исклучиво јавен превоз или 2) Ќе држат протоколарни говори и средби преку Скајп, Вибер, Ватсап и слично. Предностите на дигитализацијата можат и треба да се ползуваат за многу корисни работи, а ова е една од нив.

Истовремено, должен сум да потенцирам дека јас не сум утопист, ниту адолесцентен идеалист или популист. Секако дека безбедноста на првите личности во земјата побарува стручни безбедносни процедури и секако дека тие треба да се почитуваат. Но, има милион начини како тие да се почитуваат, а притоа да се дадат позитивни примери на јавните функционери кон граѓаните. И сепак, првите луѓе се вкупно тројца или еве петмина, а ние зборуваме за однесување на неколку илјади други јавни функционери на централно и локално ниво. Речиси без исклучок во изминативе 30 години плурализам.

Кога сме кај позитивните примери и пракси, токму вчера можевме да видиме една од нив. Претседателот Стево Пендаровски на својата страна на Фејсбук објави фотографија од неговото патување за Брисел. Умешно направено, без никакво фалење, но јасно и недвосмилено сите ја примивме пораката, а тоа е дека овој претседател со својот тим решил на своето прво патување да се вози со комерцијален лет. Впрочем, како секој граѓанин.

И ова е супер порака која наиде на многу позитивни коментари. Сепак, она што мене особено ме радува е фактот што сега тој ги подигна стандардите за себе, но и за другите јавни функционери. Отсега, секој граѓанин, медиум или организација постојано и уште позасилено ќе следи и проверува дали Пендаровски, неговиот тим, но и другите властодршци ќе продолжат во секоја прилика да користат комерцијален лет и уште поважно, лет преку low cost авиопревозниците. Исто како што секој од нас во земјава се бори за неколку десетици евра да стигне и да се врати од посакуваната европска дестинација.

Од ова враќање назад ќе нема и тоа е за поздравување. Бидејќи, доколку ова биде објава на Пендаровски на социјалните медиуми „за еднократна употреба“, би сакал да го потсетам претседателот на видеата на поранешниот премиер во кои тој се промовираше дека редовно џогира на Кејот во Скопје или дека често оди пешки на работа без обезбедување.

Што јас би подобрил? Во објавата ништо, само би охрабрил да се продолжи понатаму со ваков тип на фотографии (и видеа во иднина) бидејќи политичарите забораваат дека социјалните медиуми постојат за да се изгради сликата за политичарот како комплетна личност. Кои се неговите или нејзините ставови, навики, како изгледа како политичар, но и како брачен другар. Понатаму, како комуницира со граѓаните, кои им се омилените места за релаксација, спорт и слично. Постовите од формални средби и состаноци сами по себе се потребни заради отчетност, но се генерално помалку интересни за публиката. Ексклузивните и „природните“ објави се секогаш поинтересни за граѓаните. Но, овие вториве се особено важни за традиционалните медиуми и порталите бидејќи претставуваат нешто кое отскокнува од секојдневната монотонија на политичката комуникација, но истовремено и јасна одредница и потсетник за нешто кое политичарите го искритикувале или се заложиле да се промени. И ако самите политичари „заборават“ што објавиле пред неколку месеци или години, тоа останува запишано онлајн и медиумите јасно и гласно ќе потсетат и ќе ги прашаат што се случило со тој став. Тоа е демократија во 21 век, како и респектабилен однос и двонасочна комуникација со медиумите. Или, со еден збор, вистинската смисла на дигиталната транспарентност и отчетност.

Сепак, што би подобрил или променил? Би сакал во реално време да можеме сите да ги видиме трошоците кои се прават за ваквите патувања, но и сѐ останато кое го троши претседателскиот кабинет. Од авионски билети, до сместувања, дневници и други трошоци. Не, во некој мачен и пренатрупан текстуален извештај, туку јасна табела која секојдневно ќе биде ажурирана на претседателската веб страна и јавно достапна за секого! Истото треба да се направи и за сите останати трошоци. Поименично, со конкретно име и презиме и тип на трошок. Така функционира демократскиот свет. Ако кабинетот на претседателот Стево Пендаровски развие ваков систем, ќе може да го извезува како готов механизам на сите други јавни институции во земјава, но и пошироко во регионот. Сите ќе почнат да го користат и ќе биде промената која сакаме да се случи, односно ќе доведе до вистинско владеење на правото или добро владеење.

Мора да запаметиме сите, а особено политичарите, дека единствен начин функционерите да бидат одговорни во својата работа е само доколку бидат изложени. Изложени на критика, коментар, сугестија и став. Зашто вака функционира демократијата. А, за да бидат изложени, значи дека мора сè да биде јавно достапно. На тој начин, секој медиум, граѓанска организација и воопшто секој граѓанин ги има сите информации за тоа што во секој миг работат државните и јавните институции. И да, ќе се поставуваат многу прашања, дилеми, некогаш ќе боли вистината, но понекогаш и невистината… А, тимовите за односи со јавност и социјални медиуми во институциите ќе се борат да објаснуваат, појаснуваат, некојпат една работа и по стотина пати. И ќе им биде досадно, тешко и напорно. Ќе мора да бидат смирени, никогаш нема да смеат да избувнат и по илјадници пати ќе си повторуваат во себе: „граѓаните ме плаќаат, од нив земаме плата во овој сектор и должност ни е ова да го правиме единствено на професионален начин и според сите меѓународни стандарди“.

Има и уште нешто што комплет би предложил да се измени во комуникацијата со јавноста преку социјалните медиуми од страна на властите, но за таа сериозна тема ќе пишувам во една од наредните колумни. Веќе имам чувство дека оваа е предолга, бидејќи ја завршувам нејзината трета страна.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...