Таа одамна е во ЕУ и знае како нештата функционираат таму, знае што значи „глумење демократија“ и дека не може да се прават компромиси со правото и правдата.
Ова се некои од високпарните пораки што кон избирачите ги испраќа претседателската кандидатка Силјановска-Давкова.
Клучот, вели притоа, е владеење на правото и жестока борба со корупцијата и криминалот, само што во нејзината изборна кампања како кандидат на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ тешко може да се забележи дека манифестира барем минимум подготвеност за осуда и дистанцирање од коруптивните злоупотреби и погрешни деструктивни политики, и подготвеност за расчистување со хипотеките што се влечат зад партијата која стои зад неа.
Всушност, многу малку во нејзините настапи се слушаат зборови за важноста да се изгради и сочува моралниот лик на политичарите, да се запазат моралните вредности во однесувањето на политичките лидери, а што претставува категорија што е високо позиционирана при веднувањето на улогата и ангажманот на политичарите – токму во ЕУ.
Морално вообразените и помпезни политичари самите создаваат претпоставки и го подготвуваат теренот за својот пад. Бидејќи моралните аргументи – дека нешто е правилно или погрешно – се чини во поголем обем предизвикуваат интересирање кај луѓето отколку аргументи што се базираат врз прагматизам, како на пример нешто што е од полза за економијата.
Во повеќе истражувања во САД се направени споредби како луѓето ги доживуваат промените на сфаќањата и гледиштата меѓу политичките лидери. Во најширока смисла на зборот, морлано мотивирани политичари се сфаќаат како поангажирани и покредибилни кога станува збор за цврсто држење до сопствените ставови и гледишта.
Едновремено, вообичаена појава кај мнозинството луѓе е дека во некоја пригода се принудени да напуштат извесно гледиште. Тоа може да биде болно, или да се случи без посебно силен отпор, но најчесто се сфаќа како нешто што е неопходно. Нешто што секој од сопствена перспектива може да го доживее како личен развој, но и да погледне низ поинква диоптрија кога се во прашање луѓе што ја менуваат насоката и патеката.
Да се тврди дека не смее да се прават какви било компромиси со правото и правдата, но притоа да се насочи острицата на критиката само кон одредена партија и група во ооштеството, тешко може да биде сфатено на најширок план во општеството како израз на сериозни заложби за решавање на проблемите. Тоа, всушност, ја оштетува довербата кон политичарот. Реакцијата на избирачите, на еден значаен дел од нив, поаѓа од претпоставката дека таквиот опис на стварноста, кога станува збор за владеење на правото, или се засновува врз лажна убеденост на политичарот, или пак е лажно поставено решението што се нуди за решавање на проблемот.
Токму затоа, на многумина избирачи не им останува друг начин да ги протолкуваат намерите на политичарот освен како морална превртливост која не ја заслужува нивната поддршка.
Но во суштина не се пресудни позицијата или заложбите на политичкиот лидер или кандидат на избори кои создаваат чувство на лицемерие. Наместо тоа, подрастично се доживува настојувањето да се оправдаваат, непосредно или индиректно, оние што манипулираат и шират недоверба и скептицизам. Правдата мора да важи еднакво за сите, инаку ризикува да се претвори во сопствена спротивност, а што, кога е Силјановска-Давкова во прашање, се изразува, најблаго речено, и преку свесното премолчување и игнорирање на фактите за злоделата и политичките застранувања на претходниот режим.
Еден од најинтересните заклучоци од споменатите американски истражувања е дека кај луѓето се забележува тенденција да не ги менуваат претходните сфаќања и гледишта, дури и кога политичките лидери ќе ги променат своите ставови и заложби. Тоа, во крајна линија, ја предизвикува базичната либерална претпоставка за рационалноста на поединецот. Кој да биде обвинет за лицемерие?
Според истражувањата, решавачко значење околу тоа има насоката во која се донесува политичка одлука. Оние што сметаат дека лидерот се променил во „погрешна“ насока во однос на одредено прашање ја доживуваат личноста што им се обраќа како полицемерна, во споредба со оние чие сфаќање се формира поблиску до новото гледиште. Парадоксално, се чини дека во Македонија тие што се залагаа и одблиску можеа да ги проследат промените и чекорите насочени кон враќање на правната држава, го обвинуваат политичкиот естаблишмент за лицемерие.
Нема сомнение дека прашањето е повеќеслојно во однос на општествената реалност. Но заклучокот е јасен. Тие што ја градат својата политика врз високопарни и помпезни морални ставови и гледишта, плаќаат висока цена за таквиот пристап кога состојбите ќе се променат. Малку повеќе прагматизам би било од полза за сите, нарочно за политичарите.
Што се однесува до Силјановска Давкова, таа во својот извишен морален лет го заобиколува мочуриштето под чија тиња сè уште целосно не изнурнуваат еднодецениските злоупотреби, грабежи, криминали, деструктивни политики, изневерени демократски идеали и свесно предизвикување поделби во општеството, здружувајќи се со националистичките популисти кои се веќе од поодамна заглавени во тоа мочуриште – до колена.
Со таквиот пристап таа очигледно се надева дека нејзиниот висок лет кон претседателскиот трон нема да биде прекинат со низок и тврд пад во – популистичкото гнездо.