Претседателската кампања ќе почне со маскенбал

251
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Кандидатите за претседател на Републиката до Државната изборна комисија треба да ги поднесат кандидатурите најдоцна до 21 март, а изборната кампања треба да почне на 1 април, на Денот на шегата.

За официјализирање на претседателската кандидатура потребно е претендентите за шеф на државата да достават 10.000 граѓански или 30 пратенички потписи.

Од ДИК посочуваат дека за шестите претседателски избори во моментов потписи собираат седум кандидати и оти досега само кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, професорката Гордана Силјановска Давкова ги има собрано потребните потписи.

Сѐ уште е неизвесно дали заедничкиот кандидат на СДСМ и на ДУИ, Стево Пендаровски до ДИК ќе достави потписи од граѓани или од пратеници. Од СДСМ велат дека размислуваат и за двете варијанти.

Потписи за да учествува на претседателските избори собира и Блерим Река, кого го поддржаа Алијансата за Албанците и БЕСА.

Потписи за кандидатура собираат уште неколку претенденти за функцијата претседател на државата.

Собирањето потписи започна на 23 февруари а ќе заврши на 9 март. Доставувањето, пак, на кандидатурите завршува на 21 март.

На 14 март истекува и рокот за увид во избирачкиот список и пријавувањето за гласање на дијаспората. Досега се регистрирани само 413 македонски граѓани кои своето избирачко право ќе го остварат во дипломатско-конзуларните претставништва на земјава.

Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...