Претседателот со кралски амбиции

Поуката е во тоа што Богов, со целиот свој капацитет на амбициозен и компетентен бирократ со харизма и шарм на мртва кобила, требаше да сфати дека морал самиот, кога тоа Иванов одбил да го стори, да се обиде да си излобира поддршка во Владата.

2222

Начинот на кој г. Ѓорге Иванов го ликвидира г. Димитар Богов во трката за старо-нов гувернер на Народна банка на Македонија е суров, но поучен. Јас, претпоставувате, не сум претерано тажен заради тоа, но мислам дека Богов секако заслужуваше подобра шанса од оваа што му ја пружи Иванов. Поуката е во тоа што Богов, со целиот свој капацитет на амбициозен и компетентен бирократ со харизма и шарм на мртва кобила, требаше да сфати дека морал самиот, кога тоа Иванов одбил да го стори, да се обиде да си излобира поддршка во Владата. Или барем да испреговара елегантна „корпа“… Вака, Иванов го пушти Богов низ канализацијата на својата политичка фрустрација со едно стискање на казанчето! Ојде човекот!

Не е јасно до каде мисли со ваквото свое однесување да стигне Иванов?! До трет мандат?

Реално, направи сè што можеше во кршењето на политичките, моралните, уставните и законските норми за да го спречи СДСМ да дојде на власт во државата. Тоа не му успеа. Мислам дека човекот отече од нервоза, од јад и од чемер што мораше, конечно, да му го даде мандатот на Заев за да формира влада, дотолку повеќе што ербапов струмички цело време му повторуваше, како на муле пред капија: „Полека, ќе го убедиме претседателот, ќе го даде мандатот, без нервоза, ќе го убедиме да го даде мандатот…“ И го даде.

Од тогаш, наваму, има 300 дена, човекот кој се одзива на титулата претседател се инаети за сите овластувања што му се дадени по закон, а кои мора да ги усогласува со извршната власт. Неискрен е во надворешната политика (патем, уште еднаш ако ја посети Турција, мислам дека Ердоган и пасош ќе му даде!); ги кочи и развлекува (или, уште полошо, се обидува да се наметне, како со Богов, но пред тоа и со уставните судии) сите кадровски решенија за кои се бара и негова согласност, а за квалитетот на неговите кадри најилустративен е примерот со македонскиот амбасадор во Вашингтон; разузнавачката служба ја користи како приватен дуќан за внатрешно-политички поткусурувања и ширење дезинформации; единствено во АРМ, во улога на врховен командант, не сум сигурен што прави, ама сто-посто нешто плетка што не е во корист на нашата безбедносна атлантска иднина, па макар и да им дотура сол во казанот со гравчето! Толку е антизападно ујдисан, што и на овие од Исток понекогаш им доаѓа непријатно што го имаат за претседател.

Најсериозен е, сепак, обидот за противуставна интервенција во Уставот на Републиката, со редефинирање на претседателското суспензивно, во апсолутно вето, кога се во прашање донесените закони од страна на Собранието. Тоа што од функцијата претседател си зема за право на „широко толкување“ на сопствените уставни овластувања, дури и кога се работи за донесени лоши закони (каков што е Законот за јазиците), е опасен преседан кој, по пат на апсолутистичка интервенција, го менува нашиот уставен поредок од парламентарен во монархистички.

А Ѓорге Иванов не крал, туку никогаш не ни сонуваше дека може да стане претседател на Македонија. Со неповторлив стек на околностите, стана. Во два мандати. Без своја вина и заслуга. Факт е дека на тие што му го овозможија тоа, се обиде, но не им заврши работа кога им беше најважно. Се испостави дека претседателската функција му е за еден број поголема, како и ракавите на оделата што ги носи. Таков е човекот: плашлив и конфузен, лош во проценките, полош во договарањата, а најлош во извршувањето на договореното.

И што му требаше вака „на душа“ да го земе гувернерот Богов, да го отпука како старо тенџере?! Да не се нешто завадени?

 

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...