Претседателот незадоволен од комуникацијата со опозицијата, Мицкоски избегнува средби со Пендаровски

Според шефот на државата, техничката влада имаше лош старт, затоа што не успеа да се наметне како тим

506

-Мојот впечаток од оваа позиција е дека техничката влада почна на многу лош начин да функционира. Техничката влада од првиот момент, не навлегувајќи чија е вината повеќе или помалку, не настапи како тим – оценува претседателот Стево Пендаровски во интервју за порталот МКД.мк.

Tој вели дека актуелната политичка структура најмалку испорача или најмногу потфрли во сферата на правосудството, иако, како што вели, состојбата во нашето правосудство денес е неспоредливо подобра во смисла на политичко мешање и менаџирање случаи, во споредба со, како што вели, она што го имавме до 2016 година. Го пренесува и ставот на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји дека законот за Јавно обвинителство не е поставен како формален услов на ЕУ, но „во некои европски градови поставуваат прашања од типот нели би било добро и тој закон да се донесе“.

На прашањето како ја оценува соработката со опозицијата, Пендаровски вели дека комуникацијата со главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ не е на ниво на кое тој би сакал да биде.

– Одбија присуство на првата седница на Советот за безбедност со тривијално образложение, имав два куси телефонски контакти уште тогаш со лидерот на најголемата опозициска партија, договарајќи можна идна средба, до која никогаш не дојде. Значи една средба имавме овде, на лидерската средба. Премалку се контактите, не го воспоставивме она што сакав да го воспоставиме, канал на константна комуникација меѓу нас. Небитно е дали се сакаме или не, ние сме овде, не со личните имиња и презимиња, не е тоа пиење кафе меѓу Христијан и Стево, туку се работи за кабинет на претседател и кабинет на партијата и јас мислам дека тоа може да донесе само придобивка. Комуникацијата, и покрај моите настојувања, не беше толку интензивна и честа и квалитетна. Моја задача е, бидејќи сум платен од парите на сите граѓани, да се обидувам и понатаму да направам што е можно подобра комуникација, кој и да е утре во таа улога на опозиција – истакнува Пендаровски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...