Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, деновиве води отворена војна со уредници и новинари, откако ЗНМ јавно соопшти дека тој лобира кај странските амбасадори да се промени начинот на финансирање на изборните кампањи во медиумите. Повод за ова е кампањата за референдумот што ќе се финансира од буџетот.
Прв на удар на критиката на Селмани се најде Атанас Кировски, уредникот на телевизија Телма, кој се осмели да се спротивстави на тезите на претседателот на ЗНМ. Поради тоа Селмани го обвини Кировски за „медиумски рекет“. Жестината на коментарот на Селмани предизвика вчудоневиденост во јавноста.
Коментар за ставовите на Селмани, кој, меѓу друго, се залага и за понатамошна дерегулација на интернет порталите, објави и уредникот на „Слободен печат“, Бранко Героски. Тој, во своја колумна посочи дека не постои директна врска меѓу државните пари за медиумите и нивната зависност и подложност на политичко влијание? „Напротив, многу европски држави ги помагаат и јавните и приватните медиуми, имено со цел да ја намалат нивната зависност од политичарите, а новинарите да станат поотпорни на корупција“, напиша Героски и ги посочи примерите на Франција и на Данска.
Откако Героски јавно го праша Селмани кој форум на ЗНМ усвоил вакви ставови, со кои тој лобира кај странските амбасади, се огласи новинарот Гоце Михајловски, кој е член на Управниот одбор на ЗНМ. Михајловски на Фејсбук напиша дека Управниот одбор никогаш не усвоил такви ставови, а членови на ова тело упорно бараат Селмани да свика седница.
По ова се огласи претседателот на ЗНМ, со жесток напад врз Героски: „Главниот и одговорен уредник на Слободен печат и на Плусинфо, Бранко Героски, се приклучи на кампањата што некои директори на национални телевизии ја водат против ЗНМ, поради нашето противење на измените на Изборниот законик, со кои на партиите им се обезбедуваат јавни пари од буџетот да водат политичка пропаганда во медиумите за време на изборни кампањи. Се потврди тезата дека заробената држава не исчезна со промената на власта. Новата власт ги користи истите методи и практики во однос на медиумите. Преку пари на граѓаните сака да ги корумпира и контролира. На режимот на Груевски осум години не му успеа да ја легализира политичката пропаганда во медиумите платена со јавни пари, спакувано во рувото на владини реклами, а владата на СДСМ тоа го направи за многу пократко време, зад грбот на граѓаните, крајно злоупотребувајќи го претстојниот референдум за името“, напиша Селмани на Фејсбук.
„Селмани безобразно измислува дека сум се приклучил кон некаква кампања на телевизиите за да се добиеле државни пари за референдумот. Не ми е познато дека се води таква кампања. Не ми е јасно како е можно претседателот на ЗНМ да се служи со вакви безобразни лаги. Јавно ги повикувам Атанас Кировски од Телма, Иван Мирчевски од Канал 5, Васко Ефтов од Алфа и сите други директори на телевизии да кажат дали било кој од нив разговарал со мене на оваа тема. На Насер Минхаузен мора да му се каже да престане да лаже и да верува во сопствените лаги! Тоа што човекот ги гради ставовите со странски дипломати, без да ги консултира телата и органите на ЗНМ, без да ги почитува колегите, е негов проблем, а не мој. Јас не сум активен во ЗНМ и сѐ додека здружението е вакво, немам намера да трошам од моето скапоцено време на активности во оваа приватизирана и узурпирана организација“, возврати Героски.
По ова повторно се огласи и Кировски, кој потврди дека таква кампања за каква што зборува Селмани не постои. Претходно, директорот на Телма ги опиша состојбите во медиумите и статус квото за кое се залага ЗНМ, со колумна со наслов „Законот на џунглата“.
Останува отворено прашањето дали оваа полемика, која сега се води на Фејсбук, ќе ги поттикне новинарите да побараат за политиките за кои се залага претседателот на ЗНМ сепак да дебатираат органите и телата на оваа организација.