Лидерот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер, кој e кандидат за претседател на Европската комисија на претстојните избори во ЕУ, изјави дека е неопходно решение за спорот за името меѓу Атина и Скопје и отворање на европерспективата на Македонија.
– На сите им е јасно дека прашањето за името мора да биде решено и на Македонија да ѝ се овозможи позитивна економска и европска иднина – вели во изјава за Еурактив, Вебер, кој беше критикуван дека не се изјаснува за Договорот од Преспа и за негативниот став на грчката опозициска партија и членка на ЕПП, Нова демоктратија. Членка на ЕПП е и ВМРО-ДПМНЕ.
Според првиот човек на ЕПП, одговорноста за договорот, неговото финализирање и имплементирање е на Владата во Атина и за тоа не е неопходна поддршка и од опозицијата.
– Формално, опозицијата не мора да го прифати постигнатиот компромис. Улогата на опозицијата е да дава алтернативи, а Нова демократрија и нејзиниот лидер Киријакос Мицотакис не се против начелото за изнаоѓање компромис – истакна Вебер.
Германскиот европратеник Елмар Брок од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел, пак, вели дека очекува Нова демократија да го прифати Преспанскиот договор по неговата ратификација во Парламентот. Истакнува дека ова прашање е дискутирано во Европскиот парламент и оти Нова демократија се изјаснила дека ќе го почитува ратификуваниот договор кога ќе дојде во позиција да ја предводи грчката влада.
– Нова демократија кога ќе дојде на власт ќе го прифати и имплементира ратификуваниот договор. Партијата никогаш не кажала дека нема да го прифати ако тој биде ратификуван во Парламентот на Грција – изјави Брок за Еурактив.
Тој очекува Договорот од Преспа да биде високо на агендата на средбите што денеска и утре во Атина ќе ги има германската канцеларка Ангела Меркел со грчкиот државен врв и со лидерите на опозицијата.
Елмар Брок очекува Меркел да ја повори поддршката за Преспанскиот договор и за обезбедување на неопходното мнозинство во грчкиот Парламент за негова ратификација.