Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски во интервју за МИА истакна дека Комисијата е подготвена за утрешниот референдум и се надева на успешен ден бидејќи, како што вели, досега нема никакви елементи или сознанија што би воделе кон спротивното.
– Граѓаните се доволно свесни дека имаат право да го искористат своето право на глас или да не го искористат, истакна тој, посочувајќи на членот 7 од Законот за референдум.
Во изминатива недела завршени се обуките на општинските изборни комисии и на избирачките одбори за референдумот, а на нивните членови, потенцира Деркоски, им се посочува дека имаат одговорна задача и дека треба да внимаваат на денот на гласањето се да биде во најдобар ред и да го почитуваат Законот.
– Не смеат да прекршат ниедна процедура затоа што драконски се казните што се предвидени и во Кривичниот законик. Се надевам дека нивото на култура и свест кај нашите граѓани, членови на ИО како изборни органи е малку на повисоко ниво и дека нема да си дозволат себеси за било кого и за што било да направат инцидент од таков тип за потоа да одговараат за некого – истакна Деркоски.
ДИК во недела ќе има дежурен тим кој ќе одговара на телефонските повици на бројот 0800 555 44, отворен за пријавување неправилности и забелешки.
Дали Државната изборна комисија е подготвена за утрешниот референдум?
Подготвена е ДИК за 30 септември да помине во најдобар ред гласањето на нашите граѓани. Во меѓувреме во изминатите денови ги извршивме сите подготовки технички да се овозможи тоа. Во текот на вчерашниот ден ги доставивме доверливите изборни материјали и гласачките ливчиња, избирачките списоци и останатиот материјал до ОИК. Доставата помина во најдобар ред, немаше никаде некаков проблем, немаше недостатоци во материјалот. Тука морам да и се заблагодарам на печатницата „Киро Дандаро“ од Битола, која ја заврши одлично работата. За тоа зборува и фактот дека од ниедна ОИК практично и да немаме забелешка околу материјалот. Годинава има и некои новини во самиот материјалот, им дадовме можност на ОИК и на Избирачките одбори доколку се појави некаде евентуално барање од некој гласач и граѓанин за проверка на оригиналноста на ливчето ќе можат да го провераат со еден корисен инструмент, има ливчето одредена заштита која може да се види само со таа фолија пластична и практично оневозможивме каков било обид за фалсификување на ливчето. Доколку се обидете да копирате ливче, на самата фотокопија излегува симболот copy, кажува веднаш дека се работи за копија на гласачко ливче, а не за оригинално гласачко ливче. Така што, сметам дека се ќе биде во најдобар ред. Извршивме обуки на OИК и на избирачките одбори. Им се кажува на луѓето дека имаат одговорна задача, дека треба да внимаваат на денот на гласањето се да биде во најдобар ред, да го почитуваат Законот. Не смеат да прекршат ниедна процедура затоа што драконски се казните коишто се предвидени и во Кривичниот законик. Се надевам дека нивото на култура и свест кај нашите граѓани, членови на ИО како изборни органи е малку на повисоко ниво и дека нема да си дозволат себеси за било кого и за што било да направат инцидент од таков тип за потоа да одговараат за некого. Сметам дека во изминатиот период ДИК максимално се трудеше во својот домен и во рамките на своите надлежности коишто ги дава Изборниот законик да ги спроведе сите активности на начин што нема да биде во очите на јавноста како орган којшто досега најчесто беше од друг тип на интерес и дека си се концентрираше практично на она што е задача и успешно ги заврши тие подготовки.
Дали ДИК ќе има дежурен тим кој ќе одговара на повиците од ОИК и гласачите во случај на приговори и забелешки на референдумот?
Да, така е. Ние се организиравме тука и имавме подготвителни активности да се организираме. Во исто време овозможивме да се прошири пристапот на Кол-центарот со тоа што на бројот 0800 555 44 ќе може да се врти и истовремено се примаат 10 повици. Ангажиравме дополнително работно тело за да одговара на тие повици, да ги прима тие повици и веднаш да може да се одговара, а заради транспарентност на целата работа сите тие забелешки или какви било приговори за евентуални настани ќе бидат објавувани на веб-сајтот на ДИК за да може и јавноста да биде правилно информирана за тоа што се случува во текот на денот. Исто така, ние како ДИК целиот ден ќе бидеме поделени на групи по региони за да може да одговараме на повици на ОИК за да се координираме и да ги разрешуваме евентуалните можни ситуации од коишто би произлегле одредени дилеми за решавање на тие ситуации. Така што, сметам дека спремни ќе го пречекаме овој ден. Исто така, денеска ќе бидеме тука присутни бидејќи се гласа во дијаспората. Во текот на вчерашниот ден заминаа последните избирачки одбори за дијаспората. Исто така денеска гласаат и другите категории граѓани кои се на посебните списоци, тоа се болните и немоќни лица, луѓето кои издржуваат казна затвор, притвор итн. и седум раселени лица кои се на списоците, така што овие неколку дена ние сме во функција на целосно остварување и вистинско завршување на овој процес.
ДИК излезе со соопштение во кое се апелира до изборните органи, но и до набљудувачите, професионално и според стандардите да работат. Која беше причината за едно вакво соопштение кое не беше проследено до медиумите, туку само објавено на вашата веб-страна?
Причината беше моментот кога овластениот предлагач, Собранието на РМ, се одлучи да не ополномошува свои претставници во изборните органи и во тој момент во јавноста се јави една дилема дека можеби има некоја најава за каков било сомнеж во организацијата и одвивањето на целиот процес и од истиот момент се зголеми бројот на барање за акредитација на набљудувачи којшто можеби ќе стигне крајната бројка повеќе од 14.000 набљудувачи во целата држава од различни карактери, различни типови и организации. Сите имаат право и го добиваат тоа право за набљудување. И затоа беше и нашиот апел заради зголемениот број да внимаваат и на кодексот којшто се однесува на нив, а и изборните органи исто така да внимаваат како се однесуваат кон луѓето кои ќе го набљудуваат процесот и да им овозможат се што треба тој процес да се одвива нормално, односно доколку има какви било забелешки од нивна страна да ги забележуваат во дневникот за настани што го има Избирачкиот одбор и потоа нормално да се внесуваат на крајот во записникот за сумирање на резултатите, се со цел да имаме вистинска правилна евиденција, вистинско следење на процесот да се оневозможат какви било можни идеи за евентуално прекршување на целиот процес.
Бидејќи не се работи за избори, туку се работи за референдум, кој може да поднесе приговор?
Во оваа ситуација овластениот предлагач со своите ополномоштени претставници имаше прво на приговор на целиот ден во процесот и на сумирањето на резултатите. Сега тоа право практично си го оневозможи бидејќи ќе нема претставници во изборните органи, додека исто така право на приговор за повреда своето избирачко право има секој гласач и секој граѓанин доколку смета дека му е повредено на некој начин избирачкото право. Е сега, тука нормално има одредени ограничувања што значат дека не можете вие да приговарате за се и сешто во текот на денот или не. Доколку бидам присутен да и докажам дека сум бил присутен, меѓутоа доколку не не може, се со цел да се избегне еден огромен број непотребни приговори, неаргументирани без какви било докази, но сепак исто така да се овозможи согласно член 64 од Законот за референдум секој да може да приговара за повреда на неговото гласачко – избирачко право.
Дали очекувате успешен ден од организациско-техничка смисла и мирен ден во недела?
Се надевам. Досега немаме никакви елементи или сознанија што би воделе кон тоа дека нема да биде успешен денот. Граѓаните се доволно свесни дека имаат право да го искористат своето право на глас или да не го искористат. Законот им го дал тоа право во членот 7 од Законот за референдум и тоа е граѓанско право, тука нема што да се зборува. Ние не навлегуваме во тоа како се водеше кампањата, во која многу малку се внимаваше во кампањата за заштита на гласачкото право, тоа морам да го кажам, значи за тајноста во гласањето. Имаше многу изјави од повеќе страни како ќе гласаат, така што не е во ред, не е согласно Законот. Вие можете да повикувате или да не повикувате, ама не смеете да кажете вие како ќе гласате. Меѓутоа, тоа не е предмет на наша опсервација. Ние сметаме дека ги спроведовме сите организациски подготовки денот на гласањето да помине мирно и да нема никакви инциденти. Исто така, да ја искористам приликата, повторно да апелираме до сите учесници во процесот да водат сметка за своите права, но и своите законски обврски како не би го нарушиле овој процес. На крајот на краиштата, без разлика како ќе заврши тој ден, ние како граѓани, како институции, органи кои се вклучени во целата оваа операција и организација на овој процес пред оние за кои постојано велиме дека се стремиме да се приклучиме кон тој клуб, треба да докажеме дека конечно го исполнуваме одреден критериум – демократски капацитет на самите граѓани, на институциите дека заличуваме на европјани. Значи, не само декларативно да се залагаме, туку тоа треба и да докажеме на дело.
Елизабета Вељановска Најдеска