ПРЕСУДА Латас и браќата ослободени: Не сториле кривични дела со викендичките во Зелениково

6336

Новинарот и уредник Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан се ослободуваат од обвинението за бесправна градба на три викенд-куќи во Зелениково во случајот „Тревник“ на СЈО.

Пресудата, утрово во Кривичниот суд во Скопје ја соопшти судијката Марија Клетничка Марковска која го водеше овој предмет. Делото за кое се обвинуваат, рече судијката, не е кривично дело според закон.

Таа посочи дека во вакви случаи праксата е ако потои дивоградба и во текот на кривичната постапка истата се легализира, тогаш обвинението се повлекува. Таа наведе дека институциите не реагирале, ниту некој пријавил дивоградба, а потоа кога биле впишувани во катастар никој не го оспорил тоа.

Обвинителката од СЈО, Елизабета Јосифовска за медиумите изјави дека СЈО стои на ставот дека во случајот има кривично дело и оти ќе поднесат жалба во која ќе го оспорат сите наводи во ослободителната пресуда.

Пресудата ќе стане правосилна кога за жалбите ќе се произнесе Апелација. Судските трошоци ќе ги плати државата.

Случајот „Тревник“ е еден од двата случаи, заедно со „Топлик“ кој се однесува на даночно затајување, во кој Латас е обвинет од СЈО. Како што наведуваше СЈО во обвинението за „Тревник“, обвинетите изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно граделе без одобрение. За ова дело казната затвор која им се закануваше беше од 3 до 8 години, како и одземање на викендичките.

Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри. Со „бомби“ и други прибавени докази, меѓу кои и сателитски снимки од Гугл мапс, вештачење, како и останата документација и сведоци, СЈО тврдеше дека овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.

Обвинетите, според СЈО, ги извршиле делата за кои се обвинуваат со умисла, бидејќи биле свесни дека ги градат куќите во Зелениково без одобренија за градење, биле свесни за забранетоста на таквите дејствија и дури биле свесни дека куќите можат да им бидат срушени затоа што ги граделе бесправно, но сепак продолжиле со градење на истите.

Од друга страна, пак, Латас во судскиот процес тврдеше дека овде всушност и нема кривичен предмет и оти станува збор за политички прогон. Тој го впери прстот кон СЈО дека го прекршило законот уште со прес-конференција на која го презентираше случајот на тој начин што изнесе имиња и детали од истрагата.

Во своите заврши зборови, тој обвини дека во јавноста со објавување ставови само на обвинителството, а не и на одбраната, се создавала атмосфера на прогон и вина уште пред судот да донесе пресуда.

Одбраната ги оспоруваше доказите на СЈО, меѓу кои и сликите од Гугл мапс тврдејќи дека од нив се гледа дека во втората половина на 2012 има два објекти, а не три. Затоа прашуваа, зошто не се три како што пишува во обвинението и кој од тројцата браќа воопшто не градел.

Сведоците, посочи одбраната, потврдиле дека викендичките се градени по добивање на одобрението. „Бомбите“ ги оспоруваа како неверодостојни бидејќи не се оригинали туку копии, па времето кога наводно се реализирале разговорите лесно се менува.

Латас и неговите браќа со адвокатите го спореа и тоа што нема градежно вештачење за историјатот на градбата односно никој стручно не утврдил што и колку, по обем и вредност, е изградено до јануари 2013 – обвинителниот период, а што потоа.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...