Знаете што, смеам ли да бидам искрен со вас? Воопшто не ми се пишува овој текст. Всушност, не ми се пишува ниту еден текст, не денес, не овде. Со задоволство би седел на некоја плажа и би гледал во морската шир, претпладне би го читал Басара, за ручек би го читал Џон Стујард Мил (скопската чаршија ме кара оти само Басара сум го читал), а навечер би ги читал мемоарите на Черчил, па кога ќе ми здосади, би си наточил „блек лабел 12“ и би си ги пуштил „Блек кис“ или едноставно би вегетирал во блажена домашна меланхолија, далеку од разулавената толпа. Не затоа што сум мрзлив – а мрзлив сум Господ да чува – туку ниту можам, а ниту сакам да угодувам на „очекувањата од јавноста“. А, таа е, нели, типична: „Добро, море, Јовановиќ, дали би сакал да ја прокоментираш пресудата на бившиот премиер Никола Груевски…“, ми се јавија некои „локални“ и некои „национални“ телевизии и така, бла-бла-бла, знаете имено која е таа пресуда, знаете за кого станува збор.
Иронија против депресијата
Проблемот е во тоа што јас „не би можел да ја прокоментирам пресудата“. Јас со таа пресуда немам ништо. Тоа каде е таа пресуда, а каде сум јас, тешко дека е иста планета. Нека си е таа тамо, а мене овде. Зошто би коментирал нешто за кое веќе е се кажано? Се разбира, нема да го негирам очигледното. Никогаш не сум бил во таа зграда во која се носат „тешки“ пресуди. Од надвор ми изгледа како егзотична палата, сум поминал милион пати покрај неа. Ете, дури и насобрав четириесет лета (или зими) и никогаш не сум влегол во тие простории: ниту некого сум тужел, ниту некој тамо ме тужел. Сè на сè, како да ви кажам, еден досаден живот. Додуша, еднаш ме тужеа во Кавадарци, ама јас никого не сум тужел. Така сум воспитан, никогаш да не бидам „тужибаба“. Генерално, нема акција, брате, нема адреналин и слични кулци-палци. Не е тоа за мене, знаете, јас сум премногу, онака, „церебрален“ тип.
Го гледавме Груевски на ТВ, на купче сите во судница: виновни, сведоци, роднини, персонал, одбрана, напад, обезбедување, „оштетени“… Зошто јас би коментирал, ете им „актери“ на купче, чуму сум им ја? Судијата малку пребледен, едвај се слуша, ама самоуверен, благо жовијален, практично прилично надрндан од преголема количина правда која мора да ја раздели, што да се прави, денес има голема побарувачка на „правда“. Ќе се објасниме во искази; адвокатите ќе брилјираат апелирајќи на совеста од напредното општество, за да не му дозволи на човекот што во наше име злоупотребуваше: власт, пари и (политичка) моќ. Не знам што му беше, како да вели дека се кае, не мислел ништо сериозно, свесен дека нешто направил, ама генерално верува дека е политички прогонуван. Практично ова му е „прво сериозно дело“ во неговиот живот. Па, да, се разбира! Јас веќе на свои четириесет години зад себе имам седумдесет успешни силувања, 43 упади во станови заради кражба и 176 тешки убиства, а во училиште воопшто не бев лошо момче. И што ми фали? Еве ме – угледен граѓанин. Навистина поим немам зошто сите ја коментираат пресудата на Груевски Н.
Чесна пионерска, поим си немам.
Добро, ако се вратите погоре на неколкуте пасуси ќе видите дека претежно „иронизирам“. Иронијата имено не е лошо средство против депресија и слични состојби, ама, признавам, не помага секогаш и секаде. Затоа токму сега ќе се „упристојам“.
Јас никого не сум тужел, ниту тој процес на Груевски е моја приватна работа. Тој човек го тужи државата и државата му пресуди. Го тужат на основа на државните закони, а законите пропишуваат тоа што пропишуваат (а кои јас не ги пишував). Му се суди за многу работи, генерално му се суди за „насилничко однесување“, процесот е докажан, ништо спорно; добива две години затвор. И ајде чао! Ајде дома, деца, ви се лади супата. Иако звучи чудно, сигурно се прашувате дали постои разумно објаснување, на пример да речеме како во мистериите на Артур Конан Дојл?
Журката е завршена
Да се обидам со неколку „разумни“ објаснувања. Груевски денес е во бегство, ни се јави од Будимпешта. Во превод значи дека „системот на државата задоцни“ или „системот отиде чекор напред“; Груевски денес е слободен бегалец. Со неговата судбина сешто може да биде, затоа што се претставува како жртва, а народот тоа го сака; неговото постоење притоа е јавно, пред многу сведоци. Па се поставува прашањето: дали оптужениот доби малку, многу или доволно? На тие прашања не се одговара. А, добро, на кои прашања се одговара?
Сите оние што денес се лидери (или лидери во најава), треба да научат од туѓиот пример – од примерот на Груевски – дека во својата држава важат и се почитуваат законите што постојат и се почитуваат цивилизациските стандарди. А, од друга страна, можеби сето тоа и не постои, па нема и што да се учи. Иронизирам повторно, гледате, нешто фундаментално ме тера на тоа. Затоа, ќе ве молам, послушајте ме. Инсистирам на ова: што и да му се пресуди, било тоа малку, многу или доволно, тоа веќе „не е моја работа“. Моја работа е мојата глава и мојата рака што ги испишува овие зборови. Тоа со пресудата и враќањето во земјава на отслужување робија е работа на државата. Ако тие се задоволни, задоволен сум и јас. Ако нив им е добро, и мене ми е добро. Ако не им е добро, нека видат што со тоа ќе прават, нека не бараат од мене да суфлирам.
Сѐ што сакам и барам од оваа земја е да го добијам мојот живот. Да ме остави државата на мир, да не нѐ малтретира, јас да продолжам да читам, пишувам и да се борам за јавното добро, а другите граѓани со своите преокупации. И никогаш повеќе да не се случи десантот на некој следен „Груевски“ со неговите разбојници, ме разбирате ли? Ајде сега, Груевски е надвор од нашите животи, никогаш повеќе во политика, журката е завршена!