На 22 мај ќе биде објавена пресудата за предметот „Триста“ во кој обвинет е поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност во врска со јавната набавка на 300 возила, соопшти на денешното рочиште судијката Добрила Кацарска.
Во Кривичниот суд денеска беа изнесени завршните зборови на СЈО и на одбраната. СЈО побара осудителна пресуда за Поповски за кривичното дело за кое е обвинет, за што е предвидена казна затвор од 4 до 15 години.
Одбраната, пак, побара Поповски да биде ослободен од обвинението. Поповски денеска пред судот кажа дека не е виновен и оти постапката што се води приотив него сериозно влијаела на неговото здравје. Рече и дека во изминатиот период се соочил со многу закани, уцени и притисоци, но не прецизира од кого. Поповски се пожали и дека му бил даден отказ од МВР во, како што наведе, сомнителна дисциплинска постапка.
Ѓоко Поповски е обвинет дека со јавната набавка на 300 возила за МВР го оштетил буџетот за 453.570 евра. Според СЈО, Поповски незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје избрани како економски најповолни понуди.