Преседан и апсурд е притворот на Мијалков, сметаат неговите адвокати

433

Преседан и апсурдна е одлуката Сашо Мијалков да заврши во притвор до правосилноста на пресудата за „Титаник 2“ каде беше осуден на три години затвор, сметаат неговите адвокати, кои попладнево во Апелацискиот суд во Скопје бараат да се укине притворот.

Адвокатот Љупчо Шврговски смета дека со одлуката за притвор се направени суштествени повреди на Законот за кривична постапка (ЗКП). Во решението не е образложена одлуката, смета тој, туку се користат само познатите правни термини како кривична одговорност и видот на делото, а со ништо не се докажува дека Мијалков не ги почитувал претходните мерки како домашниот притвор и јавувањето еднаш неделно во судот, мерка која ја имаше пред притворот.

Во случајот на Мијалков поднесен е обвинителен предлог, а не обвинение за дело за кое казната е од една до пет години, па оттука за Шврговски одлуката за притвор е преседан. Според Шврговски, повредена е кривичната постапка и затоа што во решението пишува дека притворот се определува до правосилноста на пресудата, а според закон тој може да биде до тогаш, но не и подолг од 60 дена.

Одбраната го оспорува и тоа што притворот го определил судечкиот совет кој го водеше предметот „Титаник 2“, а според неа, по објавување на првостепената пресуда одлуки за притвор не треба да носи тој, туку кривичниот совет во судот.

И адвокатот Миле Петрески ги оспоруваше причините за притвор, бидејќи Мијалков веќе подолго од година ги почитувал сите други мерки кои му се определувале до сега. Оттука, според него, не може да биде причина тоа што против него се водат други постапки.

Бранителот Петар Василев, пак, смета дека е апсурдно тоа што за Мијалков сега има две мерки, притворот во „Титаник 2“ и домашниот притвор за „Империја“.

– Обвинителството не достави било каков доказ дека се спрема бегство. Напротив, изнесе претпоставка дека Врховниот суд кога и да е, ќе го укине домашниот притвор во „Империја“ и тој ќе излезе на слобода и поради тоа постоела околност, опасност од бегство. И по 20 дена по пресудата, Врховен сѐ уште не му го укина решението за притвор во „Империја“. Таквите претпостсвки се покажаа дека се неосновани. Па која мерка сега Мијалков ја издржува? За која мерка течат деновите за кои се наоѓа во притвор и како утре ќе знаеме колку дена и за кој предмет се наоѓал во притвор? – рече Василев.

Тој не ги заборави ниту роковите на СЈО од 18 месеци. Тој потенцираше дека обвинителниот предлог е поднесен 25 дена по истекот на 18-те месеци, односно на 29 јуни 2017, а надлежност СЈО воспостсвило на 4 декември 2015.

– Дали роковите имаа растеглива димемзија, како што јас знам и сум учел во прва година на факултет, роковите се едни и тие значат смрт за одреден предмет, а во овој случај тоа е смрт за обвинителниот предлог против Сашо Мијалков – рече Василев.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...