Прерогатив на младоста е бунтот, а не култот на личноста на Заев

Народ што има ваква младина на чело на разни државни институции, како она момче Дарко Каевски, треба многу сериозно да се загрижи за својата иднина!

3784

Сакам да верувам дека директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, не ги сфатил добро своите родители кога му раскажувале за Тито и Југославија и за односот на нивната (тоа веројатно е и мојата) генерација кон оваа историска личност. Мора Дарко нешто да не разбрал како што треба, штом јавно, на телевизија, тресе онакви глупости, имено за тоа дека луѓето од неговата генерација еден ден ќе им кажуваат на своите деца дека Зоран Заев, парафразирам, е нешто како Тито за Македонија.

Народ што има ваква младина на чело на разни државни институции, треба многу сериозно да се загрижи за својата иднина!

Ќе се обидам на југендот од СДСМ да му разјаснам некои работи. Тито е несомнено значајна личност за Македонија и за македонската самобитност. И точно е дека беше обожуван. И јас сум еден од оние што во раната младост пееја песни за Тито, на забави, на концерти, на работни акции. Имам напишано и објавено и стихови за Тито. И сум еден од илјадниците адолесценти кои беа дел од системот во чија основа беше култот на личноста на Јосип Броз.

Но, паралелно со грижливото градење на митот за генијалниот Броз, се случуваше и бунт против тој процес и против целиот тој систем. Забранети книги, театарски претстави и филмови, бунтовниот рокенрол и сличните феномени, исто така беа задолжителна лектира за нашата генерација и за генерации пред нас. Дарко од своите родители мора нешто да начул и за тоа. Ама кој знае што сфатил…

Тоа е така затоа што наивното прифаќање на митовите е нормално за периодот на адолесценцијата, додека бунтот е прерогатив на младоста и на зрелоста, како што конзервативизмот, пак, по правило, доаѓа со староста. Не е тоа некој цврст закон, се разбира, но така некако вообичаено се менува дискурсот на луѓето.

Во секој случај, тажно е кога еден млад и веќе зрел човек, без оглед што е кадар на СДСМ, заговара култ на личноста на неговиот шеф Зоран Заев. Срамни и недоветни се оние споредби со Тито. Срамно е тоа и за Каевски, но и за СДСМ и за Заев.

Но, да се разбереме, јас имам разбирање за ова момче. Многу позбрчкани “умови”, впрегнати во пропагандата на СДСМ, многу познати јавни личности, отворено и без никакви скрупули, го градат култот на личноста на Заев. За привилегии, за пари ли, за да штрбнат од неговата слава… Не знам, навистина не ми се јасни тие луѓе, на кои денес им се случува она што и пред половина век се сметаше недостојно за возрасни луѓе, башка интелектуалци.

И така… Што да мисли и што да каже ова момче, кога еден славен паланечки филозоф, на пример, во еден неверојатен транс, јавно ќе издекламира – брррррравоооо Зззззаефффф!

Сепак, без оглед колку е сериозен и масовен овој отклон од разумот, јас сум убеден дека слободоумните луѓе во оваа земја ќе докажат дека прерогативи на младоста и на зрелоста сепак се бунтот и критичкиот ум, а не апологијата на режимот и култивирањето на култот на личноста.

Тогаш Даре ќе сфати дека опасно ја утнал работата. И дека на своите деца еден ден ќе мора да им каже – јеби га, такво беше времето, забегавме…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...