Препораки за граѓаните кои одат на аџилак во Саудиска Арабија

129

Државниот санитарен и здравствен инспекторат во врска со претстојните патувања на граѓани на Северна Македонија од исламска вероисповед, на аџилак во Саудиска Арабија, излезе со препораки за условите и начинот под кои може да се организираат овие патувања, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, неговите поздраконските акти и согласно меѓународните здравствени правила.

Согласно добиените податоци од ИВЗ, годинава од Северна Македонија за Саудиска Арабија на аџилак ќе патуваат околу 850 лица по воздушен пат преку Меѓународниот аеродром Скопје и тоа на ден 30 јули и 31 јули 2019 година.

Пред заминувањето на аџилак од страна на инспекторите на ДСЗИ на секој патник ќе му биде проверено МВУ (жолта книшка) заради проверка на вакцинацијата против менингококен менингит, како и проверка на документацијата на организаторите за обезбедена придружба на групите од доктор.

Доколку за патувања по сувоземен пат ДСЗИ не биде информиран во законски предвидениот рок, нема обврска за обезбедување на дежурна екипа на граничен премин Деве Баир.

На 19 јули, информира ДСЗИ, е организиран состанок на кој присуствуваа претставници на Исламската верска заедница, МВР, МНР Центри за јавно здравје, ИЈЗ, МАЛМЕД, МЗ и ТАФ Мегународен Аеродром Скопје, на кој претставниците на ИВЗ информираа дека со донација од Турција обезбедена е вакцина против менингококен менингит и истата по обезбедување на бараната докуменатција од страна на МАЛМЕД, преку ЈЗУ ЦЈЗ Скопје, ќе биде дистрибуирана до останатите центри за јавно здравје.

ДСЗИ наведува дека лицата кои патуваат на аџилак (масовни собири), во земји ризични на одредени заразни заболувања, можат да патуваат само организирано во групи не помали од 40 лица.

Притоа, организаторот на патувањето е должен во придружба на секоја група, да обезбеди најмалку по еден лекар (да достави лиценца за лекарот до ДСЗИ) со соодветна медицинска опрема и лекови, десет дена пред почетокот на патувањето да достави список на патници до ДСЗИ со податоци за година на раѓање, место и адреса на живеење, број на патна исправа, број на лична карта и да достави Извештај за патувањето до ДСЗИ при МЗ со податоци за организаторот, денот на поаѓање и враќање, како и назначени гранични премини и земји низ кои ќе патуваат до Саудиска Арабија.

Натаму, лицата кои патуваат на аџилак должни се да имаат обезбедено Меѓународно вакцинално уверение (жолта книшка) со доказ за извршена имунизација против менингоков менингит, во надлежен Центар за јавно здравје ( по место на живеење) 10 дена пред заминувањето.

ДСЗИ препорачува лицата при нивното враќање од аџилак, на самиот граничен премин, влез во РМ од страна на ДСЗИ со решение ќе бидат задолжени да се јават на здравствен надзор во надлежен Центар за јавно здравје.

Наведените мерки треба да ги испочитуваат организаторите на патувањата и самите патници, а за непочитување на било која од нив, од страна на ДСЗИ ќе бидат поведени соодветни инспекциски постапки.

Во Република Северна Македонија единствени точки за влез и излез се Меѓународниот аеродром Скопје за патувања на масовни собири по воздушен пат и граничен премин Деве Баир, за патувања по сувоземен пат, стои во соопштението на ДСЗИ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...