Тајни договори кои значат избегнување на правда нема и немало да има, рече премиерот Зоран Заев одговорајќи на новинарско прашање дали Владата конечно ќе излезе со став за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски.
– Ставот е јасен и во секоја нормална земја треба да биде таков. Додека не заврши истрагата од јавното обвинителство, чесно е извршната власт да не се истрчува со детали. Штом ќе даде пас обвинителството, ние ќе ги соопштиме сите детали од аспкет на извршната власт. Уште еднаш потенцирам, ако постои одговорност и тоа е утврдено со конкретни докази, секој ќе си ја понесе одговорност, почнувајќи од мене, министер, директор… Тука дилеми да нема. Во демократијата и општеството во кое владее правото треба да ги почитуваме овие аспекти. Верувам дека денови се во прашања да заврши јавното обвинителство. Политиката ниту замешала прсти, ниту сакала, ниту можела, ниту требала таква работа да помогне, да овозможи или слично – рече Заев.
Прашан како ќе ја врати довербата на граѓаните во правниот систем по амнестијата, тој рече дека на Македонија и треба помирување, а законот за амнестија е само почеток.
– Помирување ни треба во сите вертикали во нашето општеството. Кога се помиривме со светот, нашите соседи, зарем не треба да се помири и дома. Премногу ни се големи поделбите, затоа мораме да ја вратиме прво човечката доверба еден во друг, да си простиме, да подадеме рака. Следните чекори се помирување помеѓу навивачките групи, на локално ниво помеѓу општините, помеѓу младинските ограноци на политичките партии итн. Верувам дека тоа ќе даде позитивен резултат за иднината на нашата земја и во тој дел останува пораката на казнивост и понесување одговност. Направивме јасна дистинкција на тоа што е учество во насилство и физичко насилство од организатори и осмислувачи на настаните и притоа ја отстранивме можноста за омраза или реваншизам. Верувам дека донесовме квалитетно решение, ЕУ тоа го поздрави – одговори премиерот.
Тој даде коментар и за измените во Кривичниот законик за кои се пишуваше дека ќе овозможат спас на голем дел од обвинетите во случаите на СЈО.
– Немаме некое решение кое значи застарување на казни или слично и од тој аспект треба и ќе следува подобрување на законската легислатива затоа што мерките на Михајло Маневски од тоа време создаваат проблем во Македонија. Ниту едно од законските решенија кои досега се донесени ниту пак, што ќе бидат донесени, нема да влијаат на процесите на СЈО. Процесите продолжуваат. Дури и оној обид кој се случи во Парламентот за замена на „некаква корист“ со „имотна“ никако не влијае на ниеден процес во СЈО или во државното обвинителство затоа што во самиот член 353 стои „и нанесена штета“. Ако ги читате и обвиненијата и пресудите кои се донесени, никако не се влијае. Правиме комплетно внимателно поставување на процесите за да нема мешање во правосудниот систем, а сепак политиката да ги носи своите одлуки – рече Заев.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI