Премиерот Заев денеска во четири очи со канцеларката Меркел

229

Премиерот Зоран Заев денеска во рамки на дводневната посета на Германија ќе има средба со канцеларката Ангела Меркел на која една од клучните теми ќе биде токму датумот за старт на преговорите со ЕУ што треба да биде утврден и на претстојниот самит на лидерите на земјите членки на Унијата на 20 и 21 јуни во Брисел.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев, на средбата ќе биде придружуван од вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Пред денешната средба со Меркел, премиерот Заев синоќа од средбата со германските стопанственици во Берлин порача дека одлагањето на почетокот на преговори со ЕУ за земјава ќе има негативни последици, ќе ја доведе во прашање стабилноста на владејачката коалиција туку и ќе го дополни со гориво ултранационализмот. Заев кажа дека Владата очекува отворање на пристапните преговори со ЕУ овој јуни, како што е запишано во заклучоците од Советот на ЕУ од минатата година.

– Сметаме дека заслужуваме одлука втемелена на постигнувањата. Одложувањето на таквата одлука ќе се смета за негативно и ќе има негативни ефекти. Која било друга одлука освен онаа за отворање на поглавјата за преговори негативно ќе се одрази на внатрешните политички процеси и ќе ја стави под знак прашалник стабилноста на владината коалиција. Дополнително, ќе ја разбуди разочараноста кај граѓаните, ќе го запре имплементирањето на Преспанскиот договор и ќе нанесе штета на динамиката на реформите. Тоа ќе го дополни со гориво ултранационализмот на нашите претходници во владата, нешто што јас и моите колеги го отфрливме – истакна премиерот Зоран Заев.

Минатата недела, пак, германскиот Парламент го ратификиваше Протоколот за нашето членство во НАТО, но во текот на дебатата германските пратеници влезот на земјата во Алијансата го поврзаа со датумот за почеток на преговори со ЕУ. Иако, расправата за извештајот на Европската комисија треба да се одржи на посебна седница, сепак некои од пратениците имаа забелешки дека таа расправа се оддолжува, јави Дојче Веле.

Пратеникот од опозициските Зелени, Јирген Тритин оцени дека околу почетокот на преговорите има судир и во самата Влада.

– Канцеларката е против, а Министерството за надворешни работи се залага да започнат преговорите. Коалицијата не може да постигне согласност по ова прашање – изјави тој.

ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел и социјалдемократите од СДП, на кои им припаѓа министерот за надворешни работи Хајко Мас ја сочинуваат владината коалиција.

Според процедурата, Бундестагот треба да расправа и да ѝ одобри на Владата, односно на канцеларката, да се даде согласност за почеток на пристапните преговори на земја-кандидат за членство во ЕУ.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск вчера на заедничката прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски во Брисел изјави дека лично верува дека е можна само една одлука – почнување на преговорите со Северна Македонија и со Албанија за членство во ЕУ според препораката на Европската комисија. Сепак, посочи дека нема консензус меѓу членките по однос на ова прашање.

– Како претседател на Европскиот совет не сакам да прејудицирам. Направивте се што се очекуваше од вас, но да бидам искрен – не сите земји членки на ЕУ се подготвени да се донесе одлука за отворање на преговорите за членство во наредните денови. Прашањето е не „дали“, туку „кога“ ќе почнат. Внимателен сум за ова прашање бидејќи знам дека некогаш постигнувањето консензус меѓу 28-те земји членки трае подолго отколку што јас би сакал. Но, нема сомнеж дека местото на вашата земја и на регионот е во ЕУ – нагласи Туск.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...