По исполнувањето на Преспанскиот договор од македонска страна, премиерот Зоран Заев во интервју за Цивил медиа вели дека очекува сите министри и градоначалници да работат повеќе и пофокусирано на исполнување на очекувањата на граѓаните. За него е стара вест дека нема да се кандидира за претседател, наспроти шпекулациите во јавноста.
– Кога јас велам дека Договорот од Преспа е историски, имам предвид неколку аспекти. Освен што стави крај на спор стар три децении меѓу нашите две земји, Договорот ја испраќа во минатото блокадата на нашиот повеќе-генерациски пат кон членство во НАТО и ЕУ. Сметам дека моментот е историски бидејќи тој ја определува границата на нашето транзиционо минато. Од земја која во последните 11-12 години имаше проблеми да докаже дека е демократска земја, општество во кое неодговорното владеење воведе корупција во сите негови сегменти, земја која светот ја нарече заробена држава – во земја која за една година направи скок препознаен од целиот западен свет, реализираше реформи за возобновување на демократијата и за враќање на довербата во институциите, земја која го подготви теренот за економски и инвестициски раст и развој – вели Заев.
Историски, како што додава тој, е и аспектот што ЕУ и НАТО ја препознаа нашата држава како заедница која многу бргу ги реафиримираше европските вредности, и како земја која најодговорно го препозна своето геостратешко место, а со тоа презеде и улога да биде еден од генераторите на стабилност во регионот.
– Ова е точка од која нема враќање назад. Секој обид овие процеси да запрат и да се врати земјата назад, ќе биде неуспешен бидејќи граѓаните нема да дозволат нова неизвесност за својата иднина, граѓаните нема да дозволат нов авторитаризам, притоа имајќи предвид дека се наоѓаме во регион со кревка безбедност – истакнува Заев во интервјуто.
Целото интервју можете да го прочитате ТУКА.
Photo: EPA-EFE/Georgi Licovski