Ова е историски момент кој е поголем од секој од нас, од нашите партии или кавги или лични интереси. Да ги оставиме различните убедувања и интереси за момент зад нас и да ја видиме светлината на Европа која не повикува, порача вечерва премиерот Зоран Заев на централната прослава по повод Денот на независноста и повика секој граѓанин да гласа на референдумот за да донесе одлука за, како што рече, нашата втора независност.
Тој на граѓаните им го честиташе Денот на независноста и потсети дека токму тие на 8 септември 1991 година ја донесоа историската одлука и гласаа за независност и суверенитет.
– Сега имаме можност како никогаш досега да излеземе гордо и да одлучиме за нашето место во братството на европските народи во Европската унија и да застанеме рамо до рамо рамноправни со најсилните земји на светот, членки на НАТО – истакна Заев.
Премиерот ги повика младите да се вклучат во, според него, историската одлука која, како што рече, ќе го зацрта животниот пат на секој од нив.
– Бидете будни и гласни. Преземете конретен чекор на 30 септември. Вие одлучувате, за вас, за вашата иднина. Тој е изборот напред или назад. Светлина или темнина. Иднина или изолација. Семејство или осаменост – рече Заев.
Во својот говор премиерот се осврна и на придобивките од Договорот со Грција за кој нагласи дека го потврдуваат македонскиот јазик, дека граѓаните на оваа земја се Македонци и Македонки и дека македонската националност е признаена и потврдена за, како што рече, век и векови.
Заев се заблагодари на сите граѓани Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и на сите други етнички заедници што во овие моменти покажуваат другарско и братско разбирање и што даваат силна поддршка на своите сограѓани Македонци.