Премиерот во слободно време бира министри

589

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека знае кои лица би ги поставил на местата кои ќе бидат испразнети по најавената „метла“ во Владата и други државни институции, и дека веќе разговара со некои од нив. Очекува првите промени да се случат најдоцна до средината на јуни.

– Веќе разговарам со луѓе, особено нови луѓе кои треба да дојдат на позиции кои ќе бидат променети и испразнети. Разговорите течат. Секое слободно време го користам за да разговарам со тие луѓе за да можам да потврдам дека се нафаќаат и прифаќаат да ја работат таа работа, така што верувам дека ќе стигнам не подоцна од крајот на првата половина на јуни – рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на новиот објект на ОУ „Вера Јоциќ“ во Хиподром.

Прашан за неговите советници и како ги избира, Заев одговори „ги избирам по потреба на државата“. Последните двајца што ги избрал, за кои договорите се привремени и не подолги од една година, се писателот Венко Андоновски и Александар Ружин.

Андоновски е задолжен за постапката за отворање македонски културен центар во Србија, а Ружин работи на неколку проекти и инвестиции од компании од Белгија и Франција и на обезбедување претставништво на полска компанија за оружје како дел од НАТО-агендата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...