Како шпекулација ја оцени премиерот Зоран Заев информацијата дека при реконструкцијата на Владата, СДСМ ќе го преземе Министерството за правда, а на некој од албанските коалициски партнери ќе им го отстапи Министерството за образование и наука (МОН).
Заев посочи дека кога размислуваат за промена се водат според капацитетот на личноста, во бирањето на новите кадри ќе се водат според тоа кој е професионалец и може да ги засука ракавите. Заев не сакаше да каже од кој министер е незадоволен, но посочи дека очекува реконструкцијата да заврши до крајот на април.
– Реконструкцијата очекувам да се случи заради зголемување на мнозинството, но тоа е одлична можност да се види каде има резултати и какви. Ако некој нема успех тоа не значи дека ќе му се заблагодариме, можеби на втори или трети позиции тие луѓе ќе се снајдат и ќе дадат резултат – рече Заев, додавајќи дека тој треба да ги даде неговите коментари за министрите што ги предложил како мандатар, Владата да даде мислење за директорите итн.
Министерството за правда, кое веќе неколку недели е без прв човек, најверојатно ќе се пополни при реконструкцијата односно заедно со промените во другите ресори и испразнетите функции на државни секретари во три министерства кои ги ослободи Алијансата за Албанците.
Тоа ќе биде така, затоа што според Заев, парламентот има набиена агенда и несоодветно е да му се дава дополнително работа кога може тоа да се реши наеднаш.
Тој зборуваше и за опозицијата, го поздрави нејзиното враќање во парламентот за кое оцени дека е добро, пред се, за Македонија, но и за опозицијата и за власта.
Рече дека не е негово да се меша во работата на опозицијата, но смета дека ќе било подобро ако наместо со интерпелација, ВМРО-ДПМНЕ се вратела и рекла дека се враќа поради реформите.