Премиерите на државите на Вишеградската група, на денешната средба со претседателите на владите на земјите од Западен Балкан, на која учествува и премиерот Зоран Заев, денеска во Прага ја усвоија Декларација на Вишеградската група за Западниот Балкан.
Во декларацијата лидерите од Вишеградската група ја потврдуваат нивната недвосмислена поддршка за пристапувањето на државите од Западниот Балкан во Европската Унија и увереноста дека обединувањето на Европа нема да биде целосно без пристапувањето на Западниот Балкан во Европската Унија.
Во текстот на декларацијата се нагласува дека политиката на проширување на Европската Унија е значајна алатка со непроценлива вредност за постигнување на безбедност, стабилност и просперитет во Западниот Балкан; оттаму, постоењето на кредибилна политика за проширување претставува стратешка инвестиција за безбедноста, стабилноста и просперитетот и на Европската Унија.
Во овој документ на Вишеградската група, се напоменува дека пристапувањето е и ќе остане процес заснован на заслуги и кој целосно зависи од објективно постигнатиот напредок, и се повикуваат сите засегнати страни во Европската Унија, а во однос на октомврискиот Совет за општи работи, да го задржат и зајакнат позитивниот импулс и енергијата која произлезе од напредокот во реформите и од стапувањето во сила на историскиот Преспански договор, преку отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија.
Декларацијата на Вишеградската група нагласува дека започнувањето на пристапните преговори во октомври 2019 година не само што ќе овозможи двете држави да се посветат уште повеќе на потребните реформи, туку ќе служи како значаен поттик за целиот регион и гаранција дека Европската Унија ќе продолжи да има водечка улога во позитивната трансформација на регионот.
Премиерите на земјите членки на Вишеградската група, во декларацијата изразуваат очекувања, во согласност со Стратегијата на Европската Комисија за Западниот Балкан од февруари 2018 година, дека пристапните преговори со Србија и Црна Гора ќе бидат забрзани во текот на следниот мандат на Комисијата во согласност со напредокот постигнат од двете држави, како и дека реформските процеси во Босна и Херцеговина и Косово во натамошниот период ќе ги зајакнат шансите за членство во Европската Унија на регионот.
Во декларацијата од Прага се повторува поддршката за државите партнери од Западен Балкан во нивната подготвеност за одржување на стабилноста во регионот, зајакнување на владеењето на правото, борбата со организираниот криминал и корупцијата, зајакнувањето на отпорноста кон хибридните закани, спречување на радикализацијата и контрола на миграцијата.
Земјите членки од Вишеград во декларацијата нагласуваат дека ја имаат предвид стратешката улога на Западниот Балкан во зајакнувањето на диверзификацијата на енергетските извори на Европската Унија преку Јужниот коридор и ја изразија својата подготвеност за подобрување на соработката помеѓу државите од Вишеградската група и Западниот Балкан.
Во завршницата на Декларацијата на Вишеградската група се потенцира подготвеноста на државите од Вишеградската група за натамошна поддршка за широка регионална соработка, добрососедски односи и помирување на Западниот Балкан, меѓудругото и преку грантови на Меѓународниот вишеградски фонд, програми за стипендирање или помош за Фондот за Западниот Балкан.