„Мојот син Јане веќе 15 години e во коматозна состојба, па барам да му се одобри второ стручно мислење, а како најсоодветни, по мојот предлог, се болницата Токуда во Бугарија и Каролинската болница во Стокхолм, Шведска. Голготата на мојот син и на нашето семејство трае долго. Јане имаше 18 години кога падна од вториот кат на Бизнис центарот во Прилеп и еве веќе една ипол деценија е во состојба на вигилна кома (будна кома). Побарав и премиерот Зоран Заев да помогне и да ги разбуди институциите за овој случај, за кој се неопходни 7.500 евра за софиската болница. Време е да излеземе од оваа ситуација, како би го прекинале тивкото државно и пасивно еутаназирање врз овој пациент“.
Оваа порака до јавноста ја упатува Љупчо Пирганоски од Прилеп, таткото на Јане Пирганоски. Тој вели дека се обратил и до премиерот Зоран Заев и до министерот за здравство, Венко Филипче.
– Премиерот ми одговори на пораката со „како може да бидам од корист“ и на кратко му објаснив дека барам да ми се одобри лекување во странство во болницата Токуда во Софија, за да се направи интервенција за хидроцефалусот и да се обидеме со третман со матични клетки. Така ни одговорија од болницата, според лекарските извештаи оттука, без да го прегледаат Јане. За ова се потребни вкупно 7.500 евра. Гледаме дека оваа влада почна да ги средува состојбите во здравството, ги укинаа квотите со лекови, па отсега ќе има цел месец лекови, директорот на Фондот се пофали дека има 100 милиони евра плус во здравствената каса… Па може ли, барем, за мојот Јане да ги одобрат тие 7.500 евра, за да знам дека сѐ што сме можеле сме се обиделе, и јас и државата, за неговото лекување, па потоа да можам мирно и да умрам? Сопругата не издржа да ги гледа страдањата на нашиот син и почина пред четири години – вели Љупчо, кој вчера за случајот поднел претставка и до Народниот Правобранител.
Како до ново конзилијарно мислење?
Последен документ во големата папка преполна со потврди, мислења и белешки од лекувањето на Јане е од 30 јуни оваа година и е одговор од Министерството за здравство до прилепската општа болница „Борка Талески“. Таму се вели дека во членот 3 од Правилникот за користење здравствени услуги на осигурено лице во странство, се вели: „Потребно е предлог за упатување на лекување во странство од соодветна универзитетска клиника во Скопје, од што произлегува дека доктор од клиника кој го лекува пацинетот е тој што има право да покрене конзилијарно милсење за лекување на болеста која е излечлива во некои други центри надвор од нашата држава“.
Таткото ни потврди дека нема извадено ново конзилијарно мислење.
– Кој доктор да ми го даде мислењето? Не знам веќе каде да се обратам, па може ли и без тие компликувани процедури да се одобри лекувањето ? – прашува Пирганоски и ни го покажува 33-годишниот Јане на видео, како комуницира преку гримаси со сестрите во прилепската болница, кои се грижат за него, што му дава дополнителна надеж на таткото дека треба да му се пружи уште една шанса на детето.
Таткото потсетува дека досега, за овие 15 години добил две конзилијарни мислења за лекување и за дијагностика во странство.
– Првото, уште во 2004 година, ми го потпишаа тројца неврохирурзи од Клиника, проф. д-р Јовица Угриновски, проф.д-р Спасе Јовковски и д-р Слободан Дамјановски, со мислење дека во Македонија нема центар за кома и дека детето треба да оди во странство. Тоа беше по членот 30 од Законот за здравствено осигурување, но тогаш не успеавме да го однесеме на лекување, иако лекарите дадода препорака и милење, бидејќи двете комисии од Фондот ни одговорија дека „немало шанси за излекување на Јане“!? Тие во комисиите беа „лекари над лекарите“… Како да не сакаа да му се помогне на моето дете. Јас инсистирам на ова: ако и во друга болница ми потврдат дека нема шанси да се излекува мојот син, дури тогаш јас ќе се помирам со судбината. Додека не го однесам на второ мислење, нема да се помирам и ќе се борам за Јане до крајот на мојот живот – порачува Пирганоски.
За 15 години, Јане бил само на едно снимање во Турција.
– Кога потоа ми беа одобрени 10.000 евра за лекување во странство, тоа пропадна од банална причина. Иако јас сакав да ја платам партиципацијата од 2.000 евра, која тогаш мораше да се плати од родителот или старателот, тоа не ми беше дозволено од Домот „Ранка Милановиќ“, којшто во тоа време му беше старател на Јане. И тоа решение ми пропадна, чекајќи тие да ја платат сумата, која требаше да е на товар на Буџетот на РМ. Досега заминавме само на дијагностика во болницата Аџибадем во Турција, каде го снимаа Јане на апарати и толку. Повторно ништо од обидот за лекување во странство – раскажува Љупчо.
Јане повторно да го прегледаат неврохирузи
Таткото на несреќниот Јане апелира:
– Ја молам државата да ми одобри синот да го однесам во оваа болница во Софија, каде по прегледот, лекарите ќе проценат дали и со која метода ќе го лекуваат. Знам дека состојбата е многу тешка, моето дете веќе 15 години е врзано за кревет и е комплетно зависно од туѓа нега, со сонда во носот преку која прима вештачка храна, а инаку може да јаде само кашеста храна. А има уште еден апсурд – ако месечно се трошат 10.000 евра за нега на Јане, како што тврди директорот на прилепската болница Драган Богоески, тогаш е навистина неразбирливо како може државата да не ми одобри да се обидам уште еднаш да му помогнам на моето дете ? – прашува Љупчо.
На Универзитетската Клиниката за неврохирургија во Скопје велат дека се подготвени да го прегледаат Јане кога и да биде донесен во оваа установа и согласно со наодот на специјалистите, да решат што понатаму.
– Прво мора да дојде на преглед кај нас во Клиниката или во друга специјализирана установа за неврохирургија. Ако таа процедура се работи и кај нас и ако е неопходна во случајов, тогаш ќе се направи тука. А ако процедурата не ја правиме кај нас во земјата, ако има потреба, стручниот колегиум на Клиниката и Комисијата на Фондот за здравство ќе го одобрат лекувањето во странство, таква е постапката. Не секој хидроцефалус е за операција, а момчето мора да дојде на преглед кај доктор или на Клиника или во друга установа – вели д-р Владимир Рендевски, в.д. директор на Клиниката за неврохирургија.