Но, морам уште еднаш да повторам: не можеше ли поинаку, не само придавката по името на Александар, туку целиот случај со лепенкиве, со конкретните споменици, со целото отровно „Скопје 2014“? Повикувањето на т.н. „Преспански договор“ односно документот званично наречен Конечна спогодба за решавање на разликите опишано во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните во голема мера не одговара на актуелните постапки на македонската страна, особено во делот со онаквото означување со лепенки на „спорните“ споменици.
Зошто го велам ова? Затоа што во Делот 1, член 8 точка 2, стои дека „Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Втората страна (односно ние, м.з.) ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на Првата страна, ќе превземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство“. И немам намера да завлегувам во суштината на одделни делови, формулации и цивилизациски небулози, зашто за тоа е многу доцна. Иако, политички гледано, целиот член е коректен односно вели дека „Втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците …“.
Првата страна, тоест Грција, односно дотичниот член никаде не сугерира што и како треба Втората страна (тоест ние) да направи. Не спомнува обележување со налепници или друг тип табли, не спомнува никаква интервенција врз споменици итн. Доколку некакви мерки дополнително биле устно договарани, тоа е сосема друга работа. Такви информации неофицијално беа спомнувани во јавноста, но сето тоа остана на кафеански муабет. Но, и да се точни тие муабети, дури и устно да биле договорени некакви мерки, мислам дека иницијативата морала да припаѓа на нашата страна. А можеби така и било и најверојатно ваквите лепенки биле предлог на нашата страна. Поради целосната нетранспарентност на таа постапка сега можеме само да нагаѓаме, не само за овој дел туку и за многу други суштински работи кои во оваа држава се одвиваат зад замандалени врати. И притоа допуштаат лоши решенија за земјата.
Но, сеедно, не велам дека мерката наречена налепница како „соодветно корективно дејствие“ е катастрофална. Напротив, таа можеби е најбезболна во овој миг. Ако е привремена. Ама, очигледно не е односно, повторно, сите шпекулации на оваа тема се отворени бидејќи никој од Владата не дава соодветно јавно, јасно и прецизно образложение на постапките и нивното значење. Како што не се сеќавам дека некој јавно го поставил прашањето што да стои на тие лепенки. Или и тоа мора да се реши во затворен круг, па што ни даде Господ? Ок ако тоа прераснува во навика (и) на оваа власт но, би рекол, не сум сигурен дека е избрано најсоодветното решение и најсоодветниот текст.
За текстот веќе пишував, но морам ова уште еднаш да го потенцирам: каде стои, кој утврдил дека ова е споменик на Александар Македонски (тоест Велики)? Владата, со некаков таен заклучок, или Комисијата што работела на „случајот“, или некој трет? Ако авторот на скулптурата, независно од нејзината естетска вредност, ја видел и изработил како „Воин на коњ“, па следствено така и ја нарекол, врз основа на што се импутира дека тоа е баш оној „елински“ Александар Македонски (тоест Велики)? Дозволено ли е воопшто некому такво (самои)менување, освен на авторот на тоа дело, или „дело“, сеедно? Мислел ли некој на ова или нештата се земале здраво за готово, онака како што кажала Првата страна? Иако Првата страна тоа и не го кажала, такво нешто не е посочено во Спогодбата. И што ако утре некому му текне да ја преименува онаа прекрасна скулптурална композиција на Мирковиќ токму пред Владата и ја нарече Споменик на бугарскиот фашистички окупатор на Скопје? И побара да се отстрани? Отвораме ли со ваквите самоволија вентили што во блиска иднина можат да не потопат? Бегајќи од клучниот аргумент – дека не само тој споменик туку и целото „Скопје 2014“ е една огромна криминална дивоградба, нешто што оваа Влада веќе го констатирала пред две години, завлегуваме во наивни „операции“ кои предизвикуваат, најблаго речено, потсмев.
Извор: Теодосиевски уметност