Во Општина Карпош, денеска е презентиран идејниот проект за обнова на спортската сала Наум Наумовски – Борче, „Партизан“.
Од Општината информираат дека на средбата учествувале и архитекти од Меѓународната невладина организација „Културно Ехо“, кои во изминатиот период работеле на предлог идејниот проект за обнова на спортската сала.
Градоначалникот на Карпош Стефан Богоев се осврна на важноста од враќање на овој објект во функција на спортот и рекреацијата. Тој посочи дека „Партизан“ треба да биде „споменик“ на автентичното, модерното, урбаното и да пратиме јасна порака дека нема да дозволиме запуштените објекти да пропаѓаат и да бидат нови згради.
Претставничките од „Културно Ехо“, Ивона Крстеска и Марија Гелмановска информираа за историските факти на спортскиот објект, а потоа се осврнаа и на предлог идејното решение кое би овозможило мултифункционалност на салата, а го подготвија заедно со Ана Грковска и Александар Кочовски.
Во склоп на дворот и надворешниот простор може да се интегрираат нови содржини, игралиште за деца и за спортување, кафетерија, French Corner (француско катче) кое ќе биде симбол на солидарноста што ја има покажано Франција кон Република Северна Македонија и сл.
Тие исто така зборуваа за максимално искористување на надворешниот, но и внатрешниот дел од салата. Намерата е да се задржи автентичноста на објектот, димензиите и пропорциите, намената за спорт, но и да се вметнат новите како што се: конференциска сала, дел за кино проекција, работни простории за дел од спортските работници, се со цел овој објект да биде економски одржлив и функционален.
.