Слушам, „философот“ се думал дали, и како ќе гласа за Уставните измени. Нешто му пречело таму. Има една безобразна (српска) поговорка за пречењето (или „сметањето“), ама не е за вака, ептен во јавност. Но и тоа е данок на она француското од насловот, кога се бираа кандидати за пратеници според разноразни клучеви, ама за погрешни брави.
Овој клуч пак, ниту една брава не отвора, дефинитивно. И ако некој ми го спомне неговиот „удел“ во конституирањето на новово Собрание – мислам, дајте да бидеме сериозни, а кој пак тоа не ќе го направеше? Или мораше да биде баш овој? Па дајте му орден, по ѓаволите, и избркајте го оттаму. Како, впрочем, и на онаа Лилето-на-тато-Блаже, сосе другарка ѝ која треба, демек, да ја замени (на онаа ѝ било доста). Доста од – што, од „служење на народот“? Е таа навистина се изнаслужи. Сосе цела фамилија, потесна и поширока. И не знам кога на овој народ, и држава, ќе му дојде од задникот до главата дека нема фајда од тие кои по секоја цена (секогаш превисока!) сакаат да му служат. Та малку ли им беше криминалнана банда која што им „служеше“ цели дванаест години? И ништо не научивме од минатото, поблиско ама и подалечно? Па и османлиите биле почесни во тој поглед: тие не дошле да служат туку друг да им служи. Ама оние барабине во Кралството СХС исто така уживаа да служат. Велат дека Стојадиновиќ, на предизборни говоранции низ македонските села ветувал дека ќе им изгради училишта. Ама кога селаните му кажувале дека немаат деца за тие училишта, овој ветил дека и деца ќе им направи. Е па каде има подобро служење од тоа?
Сеедно, не ми е намерата да се расправам, ама она laissez-fairre нѐ убива, во континуитет, барем триесетина, да не речам и повеќе години. Да не се помисли малку посериозно, туку: а што па му фали на овој, или на оној? Ништо, само пердувче за да полета! Како што и лета, види се из приложеног!!! Како што ништо не му фалело ни на онега Марина, од Аеродром? Та нели и тој само си ја врши работата, ги почитува договорите – направени од криминалната банда – а и законите. Ама сега – тој повторно застанува на браникот на општината? Абе ајде не се заебавајте! Исто како што и „играта“ на децана со фрлање на едно од нив низ прозорецот на училиштето не заслужуваше негов коментар, нели? Ма laissez-fairre, сѐ ќе се заборави за три дена. Ма немој, сигурни сте? Ај да го видиме тој „аналитички“ јунак кој ќе го тврди ова. А идат избори, велат некои. Но, дури и тие нешта да се заборават – а нема – зарем ќе се заборави и оваа шанса што сега ја има оваа држава и, можеби, никогаш повеќе? Барем не во блиска иднина. А тоа „блиска иднина“ значи многу (дури и не знаеме колку) изгубени генерации во овој локален ќумез.
И сега, кога е на дело токму спротивната формула од laissez-fairre односно од „служењето на народот“ кон (условно) водење на народот и преземање на целосна историска одговорност, токму сега ли се наоѓаат секакви шушупатки кои ќе го саботираат целиот процес? Само заради фактот што не знаат што и како со себеси, или (повеќето) заради фактот што над главата им виси мечот на правдата заради нивното криминално минато? И заради нив ќе страда цела една држава, ни крива ни должна? Токму затоа сметам дека мора, дефинитивно, да се напушти анахроната и во основа лажната формула на „служење на народот“ и да се премине во фазата на умно водство (или leadership, ако сакате) – морално, чесно, интелектуално водство кое со умот а не со џебот и задникот ќе ја води државата, кое со личен (морален) пример и интегритет ќе упатува на тоа што и како треба да се (с)работи. Актуелниот миг не само на формално спротивставени туку на евидентно крајно поларизирани опции – онаа на претставниците на бандата и нивните платеници и оваа на (делови на) новата власт – е миг на освестување од кој што објективно зависи иднината на државата. И, секако, како што велат многумина, не дека државата ќе умре ако „народните“ претставници не кренат рака, вклучувајќи го тука и оној туткун кој цел живот глуми философ или онаа распекмезенана ќеркичка на „мазнио“, ама и оваа година – инаку „јубилејна“ по многу македонски историски порази – ќе се впише како уште една во долгиот црн регистер. И, несомнено, овој актуелен историски миг не може а да не биде и миг на освестување на онаа мала група која сепак се осмели да преземе одговорност и водство во името на народот и државата дека, точно, историјата ги бележи само крупните одлуки, ама избори се добиваат на сите фронтови!
И сега, да се вратам на почетокот на оваа серија текстови, оној почеток за генералските односно капларските капи и броењето на мртвите / жртвите после битката: референдумот беше и – помина. Таа битка, иако само фромално, се загуби за да се отвори еден нов, голем фронт: расправата во Собранието на РМ и евентуалните нови избори. Белки нешто научија од референдумот, токму за неопходноста за добивање на војната на сите фронтови и во сите битки а не концентрацијата само на една, па нека е и онаа (сепак загубена) на Беласица, на Марица или којзнае каде. А навестувачките избори, дај боже да ги нема, ќе се водат не само околу клучното прашање туку и за сите други ресори. Што тука ќе испорача водството? Мислел ли некој на тоа, или … повторно: laissez-fairre?
Извор:Теодосиевски :За уметноста